Достапни линкови

Рочиштето за насилствата во Центар повторно одложено


Одложено рочиштето за насилствата во Центар
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:29 0:00

Одложено рочиштето за насилствата во Центар

Поради неисполнети процесни претпоставки за одржување на рочиштето, судијата Татјана Михајлова го одложи процесот за трети мај. Во судот денеска не се појави ниту еден од обвинетите.

Поради неисполети законски претпоставки судијата Татјана Михајлова го одложи денешното рочиште за судскиот процес поврзан со насилствата во општина Центар. Поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, пратеничката Даниела Ранѓелова и уште единаесет други обвинети во случајот не се појавија на судењето.

Обвинителката Фатиме Фетаи побара одговор од судијата зошто се уште не им е доставена аудио снимката од 16 декември 2016 година, посочувајќи дека во друг случај до Советот за јавни обвинители многу експресно била доставена аудио снимката од рочиштето на 20 февруари кога требало да се разгледува и одлучува за нејзината одговорност пред судот.

На барањето на одговор зошто ниту еден од обвинетите не е присутен судијата Татјана Михајлова рече дека сите обвинети се уредно викнати и дека доколку не се појават втор пат постојат механизми за да бидат донесени во Суд.

Михајлова, исто така, посочи дека се уште не е одлучено по жалбата на СЈО за издвојување на доказите во форма на прислушувани разговори поради што како што истакна судијата Татјана Михајлова предметот ќе биде пратен во Апелација.

Адвокатот на Груевски, Никола Додевски изјави дека уште однапред се знаело дека не се исполнети процесните претпоставки за одржување на рочиштето бидејќи се уште нема одлука по препораката на Судот на јавни обвинители да се изземе од случајот обвинителката Фатиме Фетаи поради нејзиното однесување во судница.

„При непостоење на процесни претпоставки кога однапред се знае дека нема услови петнаесеттина обвинети да доаѓаат само заради тоа што нема услови да се одржи, тоа би било злоупотреба на правата, процесното време и на постапката, ако некого доведете во суд само за да се појави и да си отиде“, изјави Додевски.

Специјалната обвинителка Катица Јанева изјави дека приоритет во овој момент се самите предмети, а денешното одложување на процесот не го сфаќа како нова опструкција на нејзината работа. Не одговори на прашањето дали обвинителката Фетаи ќе биде изземена од случајот.

„Мислам дека најважно сега се предметите да тргнат во судот. Најважно е судот да почне да работи, најважно е ние да почнеме да расправаме за нашите предмети пред судот. Година и половина нашето обвинителство нема ставено ниту еден збор во записник на Кривичниот суд. Ниту еден збор, во ниту еден предмет на главна расправа. Тоа нас ни е најголемиот проблем во овој момент“, изјави Јанева.

Обвинението Специјалното јавно обвинителство го поднесе лани на 15 септември, досега се одржани неколку подготвителни рочишта, а главната расправа сѐ уште не е почната. Судијка во овој случај е Татјана Михајлова, која пред два дена поднесе оставка на функцијата в.д. претседателка на Основниот суд.

Досега, судијката Михајлова ги одби барањата на Фетаи во постапката да се користат прислушуваните разговори и да се сослуша сведок чиј идентитет би го знаела само судијката.

На последното рочиште одржано на 20 февруари, Михајлова ги казни обвинителките Катица Јанева и Фатиме Фетаи по 2 илјади евра за навреда и непочитување на судот. Судскиот процес за овој случај ќе продолжи на 3 ти мај.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG