По држиќевата „Дундо Марое“, „Демонот од Дебар маало“, „Хасанагиница“, „Калеш Анѓа – дефинитивно“, „Пипи Долгиот чорап“, молиеровиот „Мизантроп“, режисерката Драгана Милошевски Попова еве ја со нов проект. Таа на Малата сцена во МНТ ја постави „Говорна мана“, црната комедија на прочуениот српски театарски и филмски режисер Горан Марковиќ, текст напишан во 1997 година кој и по две децении плени со својата актуелност.
Од таму не чуди кога режисерката Милошевски – Попова во своето послание забележува дека ликовите од „Говорна мана“ едновремено пигмалионски стануваат и актери и публика на една драма на расцеп. На нивниот обид за промена, па и губење на идентитетот и тоа во моментот кога се судираат две наизглед неспоиви крајности – законот на сцената и законот на политичката моќ. Истакнува дека текстот всушност отвора можност да се судриме и запознаеме со човек чија кариера ветува да полета кон самиот врв за што тој бара помош од театарската илузија. Од друга страна е, пак,„актерот кој што е пред крајот на својата кариера и кој пред општествената и политичката реалност ги затвора очите, се дури околностите не го натераат на спротивното“.
Но, како што вели режисерката тие се одлучиле целата претстава да ја однесат уште подалеку, користејќи различни театарски текстови и предлошки што пулсираат околу водечката приказна. Сторијата која, меѓу другото, „укажува дека ниту макијавелимот е привилегија само на политичката олигархија ниту глумата е приватна своина на театарските уметници“. Се обиделе да истражат каков е нивниот однос кон стварноста – комичен, прашален, конфузен. И дека во тој процес со актерите успеале да изнајдат токму комични средства за изразување со крајно вознемирувачка содржина.
„Во текот на процесот размислувавме дали треба претставата да остане да се вика „Говорна мана“ или да биде „Говорна и други мани“ затоа што се занимава со разноразни општествени теми, што се сублимирани во филмовите, но и во другите текстови на Горан Марковиќ, кои на мене силно влијаеле да се развијам и како човек, и како режисер. Приказната е сместена во театар и сите ликови се луѓе кои кажуваат реплики што нам ни се блиски и познати“ вели Драгана Милошевски – Попова.
Игор Џамбазов, кој го толкува ликот на актерот и професор по глума во приказната - Мишел Радински, истакнува дека и нему со овој проект му се остварила една голема желба да одигра нешто од Горан Марковиќ, од авторот на „Национална класа“, „Специјално воспитување“, „Вариола вера“. „Тито и јас“, актуелниот филм „Турнеја“, со кого, пак, наоѓа и биографски сличности - и двајцата се деца на родители-уметници, и згора и двајцата израснале во театар.
„Прикаската на Горан Марковиќ и мојата се многу слични. За оние што не знаат тој е син на Оливера и на Раде Марковиќ – големите српски, југословенски, европски глумци. И тој како и јас израснал во театарот уште од дете и затоа сето она што го напишал во „Говорна мана“ е само една брилијантна слика на она што го доживувал во своите детски денови во театарот. Се занимава со проблемот на тетарот и театарските луѓе, а преку целото тоа и со целото општество. Текстот е брилијантен, се надевам дека и ние ќе бидеме такви“ вели Џамбазов.
Според оригиналниот текст во преставата играат Ивица Димитријевиќ (го толкува Петар – млад човек чија кариера ветува) и Сашка Димитровска ( Славица – 20 години помладата „девојка“ на Радински), а во „допишаните улоги“ се појавуваат актерките ( коментаторки) Арна Шијак, Ана Стојановска и Билјана Јовановска.
Тие се „коментаторки“ на случувањата во претставата и отвораат теми и прашања за тоа каков театар денес очекуваме, сакаме и имаме потреба да видиме и да правиме – појаснува режисерката.
И кон ова само уште информацијата дека костимографијата и сценографијата во „Говорна мана“ се на Илина Ангеловска, а оригиналната музика е дело на Горан Трајковски.