Долгогодишни напластени долгови за неплатени давачки, секојдневна борба за преживување, сериозно нарушено здравје и неизвесност, ги десеткуваа стечајците од Куманово, Липково и Старо Нагоричино, вели Љиљана Георгиевска од Здружението „УНИТ“ од Куманово.
„Бевме 2115, сега сме за жал 962, околу 50 насто се починати. Редовно пензионирање добија само 15, инвалидска пензија стотина и кој како земе пензија по два месеца користење починува. Не знаеме ни дали веќе да бараме обесштетување,“ вели таа.
Георгиевска додава дека не само што не можат да ги задоволат секојдневните животни потреби, туку постојано се соочуваат со исклучување на електричната струја на голем дел од стечајците, самите собираат хуманитарна помош за нивните колеги за леб или лекови, им ги блокираат сметките заради неплатена радиодифузна такса, па и помошта што ја добиваат, државата си ја зема назад.
Поради неколку месеци исклучена струја на поголем дел од стечајците, а и големи камати собрани и по една деценија, стечајците побарале средба со одговорните во ЕВН, за да им се излезе во пресрет и да се најде најдобро решение.
„За жал над 50 семејства по два три месеца немаат струја,а има еден член во законот според кој не смее да се исклучува струјата, како што не подучија адвокатите. Затоа бараме решение,инаку ништо не ни останува освен протест,“ вели Георгиевска.
Најстрашното сепак според Георгиевска е тоа што луѓето секој ден се соочуваат со најгорливиот проблем, дали утре ќе имаат леб за јадење.
„Најголем проблем е што луѓето се до тој степен. И за лекарства собираме пари, за некого за лекови, за инјекции, за леб собираме пари, а и ние немаме, а членарината не се собира,“ зашто немаме, објаснува таа.
Стечаец од 1995-та година, кој побара да остане анонимен, револтирано вели дека тој нема никакви примања, а обврзан е сите давачки да ги подмирува.
„Ова е „лоповлук“ што се прави од оваа врхушка. Од 1995-та морам давачките да ги платам, а немам никакви примања. Тој, пак, не нè смета ниту дека постоиме. Тој вели дека нема стечајци во државата. Народот не може вака да живее, “ вели тој.
Стечајците редовна помош добиваат од локалната заедница и од комуналните јавни претпријатија со плаќање заостанати сметки и субвенционирање за новите.
„И билети за бесплатно годишно возење. Со ЈП „Водовод“ и со ЈП „Чистота“ се договоривме од 2010-та година сметките да се плаќаат на по 50 рати, а до 2010-та година да се избрише долгот. Со тоа многу ни помогнаа зашто каматите кои беа драстично големи ни создаваа голем проблем за вода и ѓубрарина,“ вели Георгиевска.
Таа додава и дека над глава им надвиснал проблем што во одложување на формирање влада и статусот на градоначалниците тие не можат да се надеваат на скоро усвојување на нивниот Предлог Закон за обесштетување, ниту пак градоначалникот како до сега ќе може да им дава еднократна парична помош, за најкритичните случаи. Според неа не е исклучено тие да ги активираат протестите, зашто како што вели, од оваа беда никако да излезат.