Дипломатскиот спор меѓу НАТО сојузниците Турција и Холандија ескалираше, откако холандската влада не дозволи слетување на авионот со кој патуваше турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу. Ваквата одлука холандската Влада ја образложи со ставот дека стравува оти престојот на Чавушоглу во Ротердам би можел да ги „загрози јавниот ред и безбедност“.
Чавушоглу требаше да присуствува на митинг на припадниците на тамошната турска заедница во пресрет на уставниот референдум во Турција, иако ротердамскиот градоначалник Ахмед Абуталеб ја забрани неговата посета.
„ Денеска одам за Ротердам. Ќе и воведеме строги санкции на Холандија, ако ја спречи посетата,“ изјави Чавушоглу пред тргнување.
На забраната за слетување реагираше жестоко турскиот претседател Реџеп Таип Еррдоган кој се закани дека ќе возврати со иста мера, а членовите на холандската влада ги нарече „потомци на нацистите“.
Ова е втор пат да го стори тоа, претходно ја обвини Германија, уште една земја членка на НАТО, за нацистички практики поради повлекување на дозволата за турската кампања за референдумот со кој сака да ги прошири своите претседателски овластувања.
Холандскиот премиер Марк Рут изјави дека Ердоган направил „луда забелешка која ја поминува линијата“. Тој додаде дека разбира оти турските власти се лути, и дека холандската влада ќе направи се што е во нејзина моќ за да ги задржи позитивните односи со Турција.
„Но се разбира, денешниот ден не беше добар ден во односите меѓу Турција и Холандија, “ вели Рут.
Чавушоглу се обиде денеска да отпатува во холандскиот град Ротердам за да учествува на митинг на припадниците на тамошната турска заедница за да ги поттикнат Турците во Холандија да гласаат на референдумот со кој се зголемуваат надлежностите на шефот на државата, кој е закажан за следниот месец.
Претходно ротердамскиот градоначалник Ахмед Абуталеб ја забрани неговата посета, затоа што според него таа претставува закана за „јавниот ред и мир“. Абуталеб е избран за градоначалник во 2009-та година, а во Холандија дошол како марокански имигрант. Тој по вероисповест е муслиман.
Чавушоглу најави дека Турција ќе одговори со тешките економски и политички санкции.
Во својот говор на митинг во Турција, Ердоган изјави дека холандската влада е потсетува на „потомците на нацизмот“.
„ Тие се потомци на нацистите. Тие се фашисти. Може да забрануваат колку сакаат нашиот министер да допатува до таму, но ќе видат колку нивни летови сега ќе бидат дозволени во Турција, “ рече Ердоган на митингот.
Претходно во неколку други европски градови беа исто така забранети собири и митинзи на турските политичари кои се обидуваат да го промовираат референдумот во Турција со кој се зголемуваат надлежностите на претседателот.
Односите меѓу Турција и Европската унија се влошија во последните неколку месеци, затоа што Ердоган се налути на критиките од земји членки на Унијата за започнувањето на масовна акција против неговите политички опоненти.