Ќе продолжи ли силниот политички анти-естаблишмент вирус да го тресе светот и во 2017? Каква ќе биде европската политичка мапа и стабилноста на ЕУ по изборите во Франција и Германија? Гласното „да“ за Брегзит, победата на Доналд Трамп и неговата идеологија за ѕид со Мексико и бркање на мигрантите, драстично пораснатата поддршка за екстремно десничарските и левичарските партии годинава покажаа дека глобално партиите кои до сега беа на власт се во криза, а опстанокот на политичките системи засновани на идејата за отворените граници, слободна трговија и проевропски ставови е под голем знак прашалник.
Велика Британија и покрај предупредувањата за политичките и економските последици од Брегзит се подготвува да ја напушти Европската Унија. Во Италија падна проевропски настроената влада на Матео Ренци, во Полска се засилува националистичката влада, а Австрија за прв пат донесе на власт екстремно-десничарска партија. Американските гласачи, пак, се определија за човек кој ветува да изгради голем ѕид со Мексико, да го забрани влезот за муслиманите во САД и да се откаже од клучни договори за слободна трговија.
ВИДЕО - „ЕУ во прегратка на популизмот“
Гласачите се чини се повеќе „загризуваат“ на гласните ветувања за штитење на националните интереси, идентитет, култура и финансии, но и на идеите за строга мигрантска политика. Независно дали поддржуваат екстремна левица како СИРИЗА на Алексис Ципрас во Грција или пак ултра-десничарската Национален фронт на Марин Ле Пен во Франција, она што ги обединува европските гласачи се клучни теми како вработувањето, повисоки плати, стравувањата дека глобализацијата ги остава без работа, страв од голем број мигранти и тероризам.
„Јавноста е поделена, дел од луѓето се чувствуваат дека овие политики на глобализација или прашањата за миграција до сега не им донесоа никаква корист и затоа кога гласаат во суштина се бутнуваат против нив“, вели Мајкл Кулинејн, професор по американска историја на Универзитетот Нортумбрија во Британија.
Ваквите политички одлуки на гласачите ширум светот предизвикуваат интерес, но и загриженост каков ќе биде исходот од политичките избори во Германија, Франција, Италија и Холандија следнава година и како тоа ќе влијае на Европа. Како ќе поминат досегашните владеачки партии со истото мени за отворени граници и отворена трговија?Дилемата која се поставува е дали дали досегашните партии на власт и проевропските идеи ќе успеат да се изборат за свој опстанок или пак ќе бидат заменети со друга опција, екстремна или популистичка, која би можела да доведе до ново „делкање“ на ЕУ по референдумот во Британија.
Во Италија по оставката на Ренци, Движење пет ѕвезди на комичарот Пепе Грило, кој бараше референдум за напуштање на еврозоната, останува втора најпопуларна политичка опција со 30 отсто поддршка, додека пак националистичката и анти-мигрантска партија Северна Лига што се залага за напуштање на ЕУ ја поддржуваат 12 насто од граѓаните. Стравувањата во Германија се дека во Парламентот ќе влезе екстремно - десничарската Алтернатива за Германија која отворено е против еврото и има радикални анти-исламски и миграциски ставови. Партијата е трета најпопуларна во Германија, зад Социјалдемократите и Христијанските демократи на канцеларката Ангела Меркел. Во Франција, пак, будно се следи порастот на популарноста на Ле Пен за престојните претседателски избори во април. Доколку победи Ле Пен, таа отворено тврди дека ќе одржи референдум за напуштање на Унијата.
Марко Инцерти, истражувач во Центарот за студии за европска политика во Брисел вели ЕУ, онака како што ја знаеме, следните неколку години ја очекуваат големи и ризични предизвици.
„Главното прашање ќе биде дали свртувањето на некои држави во одредена насока ќе доведе до крај на Унијата или, пак, само овие држави ќе се повлечат од Европската Унија, која потоа ќе преживее во поинаква форма или како помала унија’, вели тој.
Причината за изненадувачкиот пораст на популистичките и екстремистичките партии и во ЕУ и во САД со победата на Трамп, аналитичарите ја гледаат во проблематичното и бавното закрепнување на западните економии по финансиската криза во 2008. Оценките се дека недоволно силниот економски раст и разочарувањето на граѓаните за оваа клучна тема резултира со поддршка за оние кои имаат „Робин Худ“ пристап и ветуваат дека ќе го слушнат обичниот граѓанин и неговите желби и потреби отколку оние кои ја промовираат европската идеја.
Подготви Миркица Поповиќ