Министерскиот состанок, како што изјави министерот Штајнмаер, е со цел зајакнување на ОБСЕ како единствена организација во цела Европа која има способност ефикасно да се справува со кризите и да биде место на континуиран дијалог во напорите за слобода и безбедност на Стариот континент.
„Сите, посебно во Германија, но многу други во Европа исто така, мислеа дека прашањето на војна и мир, барем за европскиот континент е решено“, изјави Штајнмаер, наведувајќи дека по 1990 година по реунификацијата на Европа, на пролет во 2014 година се сфатило дека тоа не било така.
„Прашањето за војна и мир се врати на европскиот континент со анксијата на Крим и со конфликтот во Украина кој не успеавме да го решиме. Од тогаш Европа е во една форма на постојана криза“.
Штајнамер побара од Русија да помогне во намалувањето на тензиите во Европа.
Претходно тој, за време на неговата средба со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, побарал од Москва и „итен хуманитарен прекин на огнот во Сирија“.
Пред средбата со Штајнмаер, Лавров во Хамбург имаше состанок со американскиот државен секретар Џон Кери кој ќе ја напушти таа функција во јануари кога и претседателот Барак Обама заминува од Белата куќа.
На средбата се разговарало за, како што е соопштено, „извонредно тешката ситуација во сирискиот град Алепо“.
Лавров рече дека притоа ја повторил неговата поддршка на предлогот на Соединетите држави од минатата недела за целосно повлекување на бунтовничките сили од источниот дел на Алепо. Според Лавров, Соединетите држави веднаш потоа го повлекле овој план.
Во меѓувреме, сирискиот претседател Башар ал Асад оцени дека битката за Алепо ќе биде пресвртница во војната во Сирија.
Тој додаде дека Соединетите држави со повикот за прекин на огнот во Алепо ги изневериле сириските опозициски сили кои ја имаат поддршката на Вашингтон.
„Одлуката да се ослободи цела Сирија е донесена, а во тоа е вклучен и градот Алепо“, рече Асад.
Сириските владини сили, според новинските извештаи, деновиве успеле да освојат скоро 80 насто од овој некогаш најголем град во Сирија.