Во последно време може да се забележи дека Русија сè повеќе се интересира за ситуацијата во Македонија, иако во минатото тоа и не беше случај. Рускиот амбасадор во Македонија се почесто го има во јавноста, а беше и на средби со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со кои разговараше за политичката криза. Во континуитет стигнуваат и соопштенија од руското Министерство за надворешни работи, во кои се коментира развојот на настаните во земјата. На што се должи ненадејниот интерес на Москва и како тоа може да се одрази на интеграцијата на Македонија во НАТО, бидејќи токму првиот човек на Алијансата, генералниот секретар Јенс Столтенберг изрази такви стравувања.
„Балканот секогаш бил во една тешка ситуација, затоа што секога се наоѓал во центарот меѓу одредени сили и секогаш на некој начин битките се воделе тука, меѓутоа не се воделе битки за нас, туку се воделе битки на големите сили за да исправат некои работи, па така секоја криза можеби големите сили ја користат за да добијат нешто на нивното конто. Русија не може толку да не оддалечи од тој пат колку што самите можеме да се оддалечуваме од тој пат. Доколку работиме посветено без разлика на политичката криза и на сè што ни се случува во моментот, доколку си ги завршуваме домашните и реформите , ние секако би останале на тој пат. Русија, да, гледам на секој начин да зграби по нешто, меѓутоа сепак сметам дека најмногу зависи од нас“, вели Илија Џугуманов од Евроатланскиот совет на Македонија.
Русија не е алтернатива за НАТО
Русија само реагира на насилните политики кои Западот ги спроведува во Македонија цели 25 години, бидејќи тоа е надвор од сите меѓународни правила, смета поранешниот амбасадор во Русија, Ристо Никовски. Така што, според него не треба да изненадува реакцијата на Москва, а за оддалечувањето од НАТО, вина гледа токму во односот на Алијансата спрема Македонија.
„За некакво оддалечување на Македонија од НАТО не може да се зборува. Македонија е далеку светлосни години од Алијансата и прво треба генералниот секретар на НАТО да каже врз основа на кои принципи, врз основа на кои закони и правила Брисел на Македонија и поставува блокада, уцена и ултиматум –прво името, потоа членство, тоа е во основа нецивилизациски однос“,вели Никовски.
Тој додава и дека Русија нема кристална стратегија и политика кон Балканот.
„Тоа се сè некакви маргинални нивни дејствувања, но Русија не преставува алтернатива за ниту една земја на Балканот, најмалку за Македонија“, додава Никовски.
Кремљ со нова стратегија поради кризата
Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, пак, го тврди спротивното. Според него се работи за нова стратегија на Кремљ во однос на Балканот, инспирирана од неколку интереси, како експанзијата на НАТО и геоекономските амбиции.
„Руската дипломатија во последно време покажува еден, би рекол, преголем интерес, каков што немало од независноста. Секако во таа нова стратегија на Кремљ се и настаните во Македонија. Сето тоа влијаеше руската дипломатија да стане поекспанзивна во однос на Македонија и на целиот регион. Од друга страна самото одолговлекување на приемот на Македонија во НАТО и систематските одбивања на Атина Македонија да почне преговори за членство во ЕУ исто така имаат свој ефект“, вели Ружин.
Мирче Адамчевски, кој долги години беше дописник од Москва, вели дека Русија си ги следи своите цели и не и е толку до Македонија, колку што сака да ја искористи ситуацијата во земјата. Но, според него постои основа за стравувањата за зголемувањето на руското влијание и оддалечувањето на Македонија од НАТО, но за тоа одговорност и тој бара и од Алијансата.
„НАТО досега требаше да покаже поголем интерес и да ја прими Македонија. Сега пост фестум кога веќе се јавува Русија со свои амбиции и со свои идеи за некаква неутрална воена зона на Балканот, сега НАТО се јавува контра Русија, а што правеше НАТО досега за Македонија, зошто досега не ја привлекоа Македонија.“
ВМРО-ДПМНЕ со двоја политика?
По обраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за време на протестите пред ДИК во јавноста се зголемија и сомнежите дека тој води двојна политика, иако декларативно е прозападно ориентиран, наклонет е и кон Русија, чии власти тогаш му изразија поддршка. Но, Груевски посочи и дека за Македонија останува остварувањето на стратешките цели како членството во НАТО. Според Џугуманов, се покажа дека владејачката партија знае да игра и на другата карта.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Пораките од ЕУ и од Русија
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини за време на неодамнешната посета на Скопје порача дека вратите за евроатланска интеграција на Македонија се уште се отворени, при што за тоа разговарала и со шефот на НАТО кој побарал да ја пренесе и неговата порака.
,По повеќето разговори со многу луѓе во ЕУ и во НАТО, а разговарав и со генералниот секретар на НАТО кој побара од мене да ја пренесам и неговата порака. Верувам дека ќе биде невозможно да убедиме било кој во ЕУ или во НАТО дека на мнозинството на пратеници во унитарна држава не може да му биде дозволено да формира влада. Ова го крши духот на демократијата и не соодејствува со основните демократски принципи и со евроатланскиот интегративен процес за кој се залагаат сите политички партии и претседателот“, рече Могерини.
Руското МНР по посетата на Скопје на шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини како и неколку пати во минатото, повторно се јави со истата порака да запре мешањето однадвор во внатрешните работи на Македонија.
„Тековните деструктивни обиди од надворешни шеми кои се контрадикторни со волјата на македонските гласачи само можат да ја влошат ситуацијата во земјата. Неопходно е да запре надворешното мешање во внатрешните работи на Македонија и да се почитува правото на македонските граѓани самостојно да решаваат за нивната иднина во согласност со фундаменталните демократски принципи“, беше наведено во соопштението.
Ентузијазмот за членство во НАТО опаѓа
Се чини дека ентузијазмот кај граѓаните за влез на Македонија во НАТО опаѓа, барем според анкетите. Ако во 2008 година кога влегувањето на земјата во Алијансата го очекуваа сите поддршката за зачленувањето според ИРИ беше 92 отсто, лани според истиот институт таа изнесуваше 73 отсто. Но, сепак може да се забележи дека мнозинството граѓани се уште очекува земјата да биде дел од ова семејство. Македонија го започна патот кон зачленување во НАТО пред 25 години. Блиску до членство беше во 2008 година на Самитот во Букурешт, кога беа исполнети сите критериуми, а спорот за името беше единствениот проблем. Секако проблемот со името со Грција останува, но како што поминуваат годините ситуацијата со интеграцијата на Македонија во НАТО се комплицира, посочува Џугуманов.
Според Ружин, меѓународната заедница мора да има поголема одговорност не само за внатрешните процеси во Македонија, туку и за надворешните доколку сакаат земјата да биде стабилна. Своја улога освен спорот со името игра и политичката криза во Македонија.
На Самиот на НАТО во Варшава, кој се одржа минатата година беше наведено дека политичката криза ја оддалечува Македонија од Алијансата и дека е потребно целосно имплементирање на Договорот од Пржино. Никовски негира дека Македонија се оддалечила од НАТО, откако земјата ги исполни сите критериуми за влез, кои според него, биле игнорирани.
На слична линија е и Адамчевски, кој смета дека НАТО не смее да се амнестира од она што се случува во моментов во Македонија.
Русија се противи на проширувањето на НАТО
Русија, како што е познато, се противи на проширувањето на НАТО. Тоа јасно го искажува и за приемот на Црна Гора во Алијансата што се најавува за годинава. Црногорците очекуваат покана за влез во НАТО на Самитот на Алијансата во мај годинава. Но, неколку пречки се уште треба да бидат надминати. Меѓу нив е силното противење на поранешниот црногорски сојузник Русија. Гоце Атанасов
Додека се чека американскиот Сенат и уште три други членки на Алијансата да го потврдат приемот на Црна Гора во НАТО, официјална Подгорица ја обвинува Москва дека покренала драматичен заговор да го смени овој курс на земјата. Министерот за правда Зоран Пазин деновиве изјави:
„Црна Гора очекува од официјална Москва одговор на прашањето каква е улогата на руските граѓани Едуард Шишмаков и Владимир Попов во обидот за насилно симнување на политичката власт во октомври 2016 година и потоа“.
Москва ги отфрли обвинувањата кои исто така се однесуваат и на дел од црногорската опозиција.
„За Црна Гора е неприфатливо мешањето во внатрешно политичките работи, не само преку неодмерените изјави од некои претставници на Москва, туку и преку финансирање на некои политички субјекти во Црна Гора, и тоа со пари кои не доаѓаат преку легални канали, туку на некој друг начин“.
Русија се противи на проширувањето на НАТО. А кога Црна Гора со брег долг од околу 200 километри и со 650 илјади жители влезе во НАТО, целиот Јадрански брег од Италија, до Грција ќе биде под контрола на Алијансата. Шефот на црногорската дипломатија Срѓан Дармановиќ вели:
„Ги разбираме руските интреси и противења спрема проширувањето на НАТО насекаде, но ние имаме наши сопствени интереси кои не се резултат од некаква ненадејна одлука, туку долготрајни цели“.
До неодамна Црна Гора беше популарно место за илјадници руси кои купуваа куќи на брегот, но и за руските тајкуни. И покрај тензиите кои се појавија Русија е присутна насекаде. Од билбордите на патиштата, до огласите на канделабрите, од рекламите на руски јазик до руските знамиња во елитниот ресорт Понто Монтенегро. Портпаролот на ресорот Данило Калезиќобјаснува што тоа ги привлекува руските туристи и бизнисмени:
„Таа веројатно „културолошка блискост“, логистичката конектираност со Црна Гора, со аеродромот во Тиват и сите други некои логистички бенефити кои постојат“.
Денес, земјата е остро поделена меѓу оние кои остануваат привлечени од Русија и оние кои се цврсто за НАТО. Но, Русите во Црна Гора не секогаш се и на линија на политиката на претседателот Владимир Путин. Марија Аљокина, политичка активистка, позната како членка на руската поп група „Пуси рајот“ вели дека има цел да покаже дека не само „тимот на Путин егзистира во Русија“. Во моментов таа е во руската колонија уметници во Котор.