Сообраќајниот метеж главен проблем за пожарникарите

Тетовските пожарникари се жалат дека поради сообраќајниот метеж тешко стигнуваат навреме да изгаснат пожар. Потребно е сообраќајно решение за побрзо движење на пожарникарските возила низ Тетово.

Покрај вообичаениот сообраќаен метеж низ улиците и булеварите, возилата на тетовската противпожарна единица проблем во своето движење имаат уште на излегување од нивната станица. Од улицата влегуваат на булевар, за кој нема крстосница, па единствено можат да се движат десно и кон северниот дел од градот. За да продолжат кон другите улици или левата страна на булеварот, потребно е да одат и до еден километар до првиот кружен тек.

„За да излеземе што побрзо, треба да одиме од нашата територијална противпожарна единица до кај супермаркетот Веро, да кружиме за да излеземе на јужниот дел на градот, за да одеме да интервенираме, да бидеме што поефикасни. Јужниот дел е најфреквентен, значи таму се знае дека два универзитети се и големи населби”, вели Ука Алити, командир на пожарникарите.

Пожарникарите предупредуваат дека сообраќајниот метеж е главен услов дали ќе стигнат навреме за да изгаснат пожар.

„Минутите се во прашање за да можеме што побргу да стигнеме на лице место кога ни пријавуваат пожар, но ја би рекол и секундите тука се во прашање. Бидејќи се работи за човечки животи”, рече Алити.

Советникот во Општина Тетово за развој и планирање на сообраќај Елмир Мустафаи, вели дека ситуацијата ќе се надмине со таканаречен турбо кружен тек. Овој вид сообраќајно решение предвидува булеварот да се спои со двете улици од негова лева и десна страна кои се многу оддалечени за да бидат дел од класична крстосница.

„Поради конструкцијата на теренот и конструкцијата на булеварот, тука имаме две Т-крстосници за кои беше проблематично да се проектира нормална кружна крстосница и затоа е предвидена таканаречена турбо кружна крстосница, бидејќи претставуваат новина во проектирање на кружните крстосници со две сообраќајни ленти и гледајќи ги од горе тие имаат спирални сообраќајни токови и се нарекуваат како турбо кружни крстосници. Тука, турбо кружна крстосница е побезбедна од стандардните кружни крстосници, бидејќи немаат преплетување на сообраќајни токови. Има разделба на сообраќајните токови, се вози со помала брзина, нема конфликтни точки. Само недостаток е тоа што возилата кои се движат по десната сообраќајна лента не можат да направат полукружно свртување, бидејќи се со разделени сообраќајни токови”, објаснува магистерот по сообраќај, Мустафаи.

Општина Тетово има изработена проектна документација, а во очекување се на соодветни сообраќајни и друг вид дозволи од повисоките владините институции, по што се очекува почеток на градежни работи.