За заедничка Македонија – Ние сме ограда пред Собранието

Со симболично обмотување на заштитната ограда пред Собранието со црвено-жолти ленти, од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, порачаа дека од денеска тие се ограда прес Собранието, но не прецизираа што значи тоа.

Од денеска ние сме оградата пред Собранието, порачаа од иницијативата „За заедничка Македонија“, врзувајќи црвено-жолти ленти на полициската ограда пред Парламентот за на тој начин симболично да ја претстават како дел од нив.

Тие денеска организираа хепенинг „За заедничка Македонија звучи супер“ во Паркот Жена-борец наспроти собраниската зграда во Скопје.

„Симболично онаа ограда пред Собранието ќе биде обмотана со црвено-жолта лента и со тој гест сакаме да кажеме дека таа за нас веќе не претставува ограда, туку претставува дел од нас. Од денеска ние сме оградата, веќе нема да има ограда меѓу народот и парламентарците“, рече Богдан Илиевски од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, која веќе шести ден организира протести против прифаќањето на Платформата на албанските партии и за зачувување на унитарноста на Македонија.

Илиевски, сепак, не одговори на прашањата дали неговата изјава значи дека нема да дозволат Собранието само да се собере и без доделен мандат од претседателот да се формира влада.

„Еднаш да го поставиме црвено-жолтите ленти и ќе видите, имиџот сам за себе ќе зборува. Симболиката што ќе ја праќа, секој нека си ја протолкува како што сака“, рече тој.

Организаторите упатија пораки за зачувување на унитарноста на државата, наведувајќи дека ќе ги користат сите демократски начини. Учесниците излегоа и со пораки за одбрана на македонскиот јазик и на националните обележја на државата.

За разлика од претходните пет протести на иницијатива на кои излегуваа по неколку илјади луѓе, денеска на хепенингот во Паркот-жена борец се собраа неколку стотици луѓе. Музички бендови ги забавуваа присутните, а дел од нив заиграа и оро.

Тие бараат сите политички партии заедно со граѓаните да изготват платформа за заедничка Македонија и да ги отфрлат платформите како што велат пишувани во туѓи држави, бараат од политичките партии во преговорите да не помислуваат да усвојат владина програма која не би била изгласана од граѓаните на изборите, бараат од партиите, а посебно од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да не допуштат да се гласа во Собранието законот за двојазична Македонија, а од претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов да го почитува Уставот, да не доделува мандат после истекување на рокот кој веќе е истечен.