Могерини побара Иванов да се преиспита, претседателот не се согласува

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини за време на посетата на Скопје.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини за време на денешната посета на Скопје, побара од претседателот Ѓорге Иванов да му го додели мандатот на оној кој обезбедил мнозинство во Парламентот, односно лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Таа упати порака до политичките партии да не ги разгоруваат страстите за да не предизвикаат етнички конфликт.

Претседателот Ѓорге Иванов да ја преиспита одлуката и да го даде мандатот на политичката партија која обезбедила мнозинство во Парламентот и политичките лидери да се заложат за мир во земјата. Ова е пораката на шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини по средбите со политичките лидери и со претседателот Ѓорге Иванов. Разговорите кои ги имала за време на посетата, како што рече во изјавата дадена пред делегацијата на Европската унија, биле содржајни и изрази надеж дека биле и конструктивни.

„Побарав од претседателот да го следи напредокот и да ја преиспита неговата одлука во интерес на сите граѓани во земјата и, како што Уставот вели, да му го додели мандатот на кандидатот кој припаѓа на партијата која го има мнозинството во Собранието. Ова е согласно Уставот на земјата и ние очекуваме Уставот да биде почитуван. Последно, но не и најмалку важно, би сакала да кажам дека сите политички лидери и сите оние кои имаат институционална одговорност имаат должност да се воздржат и да ја омекнат реториката со цел да се избегне оваа политичка и институционална криза да прерасне во внатрешно етнички конфликт и уште полошо геополитички конфликт“, порача Могерини.

Таа посочи дека Македонија е комплексна земја која се наоѓа во комплексен регион и не е потребно да се долева масло на огнот. Според неа, ЕУ е посветена на интеграцијата на Македонија и вратата за земјата е отворена.

,„По повеќето разговори кои ги обавив со многу луѓе во ЕУ и во НАТО, а утрово разговарав и со генералниот секретар на НАТО кој побара од мене да ја пренесам и неговата порака. Верувам дека ќе биде невозможно да убедиме било кој во ЕУ или во НАТО дека на мнозинството на пратеници во унитарна држава не може да му биде дозволено да формира влада. Ова го крши духот на демократијата и не соодејствува со основните демократски принципи и со евроатланскиот интегративен процес за кој се залагаат сите политички партии и претседателот“, рече Могерини.

Таа додаде дека лидерите треба да најдат начин граѓаните од сите етнички заедници да живеат заедно со почит и доверба и дека за ситуацијата во Македонија ќе ги извести сите во ЕУ.

Од кабинетот на Иванов, по средбата со Могерини, соопштија дека во однос на последната негова одлука тој рекол дека согласно Уставот, како мандатар за состав на Влада нема да го определи секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува Македонија, се загрозува суверенитет, независноста и унитарноста на државата.

„Со пост-изборната платформа се руши Уставот и Охридскиот рамковен договор, а Македонија се доведува во положба на потчинетост и зависност од друга држава. Граѓаните на изборите гласаа за европски реформи, а не за пост-изборна платформа на туѓа држава“, и кажал Иванов на Могерини.

Според соопштението, претседателот посочил на отсуството на официјална јавна реакција со која би се осудило ваквото мешање во внатрешните работи на Република Македонија.

„Отсуството на јавна осуда за флангрантното мешање во внатрешните работи на Македонија ги создава проблемите и води кон поширока дестабилизација, а со одредени неконструктивни изјави кризата се продлабочува. Ова е шанса ЕУ јавно и јасно да го осуди мешањето во внатрешната политика на Македонија и да ја повтори поддршката за неповредливоста на границите на Балканот“, истакнал Иванов.

Американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли денеска изјави дека САД се разочарани од тоа што Иванов одбил на претставниците кои формирале јасно парламентарно мнозинство.да им понуди да формираат влада.

„Веруваме дека ова не е во согласност со основните демократски принципи и со владеењето на правото, што се основни вредности на северно-атлантската организација. Како стратегиски партнери на Македонија, како пријатели и со целосно почитување на суверенитот на земјата, го повикуваме претседателот Иванов да ја преиспита својата одлука“, рече амбасадорот Бејли.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бејли: Разочарани сме, Иванов да ја преиспита одлуката

Еврокомесарот Јоханес Хан, пак, синоќа на Твитер порача дека „сите лидери, вклучително и претседателот мора да го почитуваат исходот од неодамнешните избори“. Тој вели и дека во една демократија парламентарното мнозинство мора да биде признаено, дури ако тоа некому не му се допаѓа.

Могерини денеска се сретна и со лидерите на политичките партии, кои по средбите во Собранието дадоа изјави за медиумите.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Изјава на Мендух Тачи по средбата со Федерика Могерини во Скопје

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Изјава на Биљал Касами по средбата со Федерика Могерини

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Изјава на Зиадин Села по средбата со Федерика Могерини

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Изјава на Зоран Заев по средбата со Федерика Могерини

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети, не дадоа изјави за медиумите. По средбите, испратија само партиски соопштенија.