Ако дете со посебни потреби научи едноставна работа како правилно држење на прибор за јадење, тоа претставува достигнување кое помага тие побрзо да се приближат до општеството. Поради ова, дефектологот во тетовскиот дневен центар за деца со посебни потреби, Наташа Блажевска, вели дека е значајна нивната професија која има за цел да ги открие и да ги оспособи за живот децата со пречки во физичкиот или психичкиот развој.
„Секое стекнување навика за користење на тоалет кај некое дете е успех којшто нас нè радува. Секое правилно држење на лажица и самостојно хранење нас нè радува. И најмалиот успех, и најмалото придвижување кај овие деца ние го сметаме како личен успех и нè радува сите нас овде“, вели таа.
Заинтересираност за оваа професија има, вели таа. Што повеќе такви работни места се отворат, повеќе резултати ќе има кај децата со посебни потреби во насока кон нивно вклучување во заедницата.
„Колку повеќе се отвора општеството кон лицата со посебни потреби тие се вклучуваат во редовното образование, во редовните паралелки. Така што е потребна работа од дефектолог во секое училиште. Сметам дека има место за сите нас кои сме завршиле дефектологија секој да може да работи и да допринесе за подобар живот на лицата со посебни потреби“, вели нашата соговорничка.
Дефектологот сè уште мора да објаснува која му е работната задача и која е смислата на постоењето на професијата, вели Блажевска, која веќе 15 години работи во тетовскиот Дневен центар.
„За да се работи со деца со посебни потреби треба да се има голема љубов и големо разбирање за овие дечиња. Кога доаѓаат дечињата во дневниот центар тука кај нас ние не ги гледам како лица со ограничувања. Затоа што токму во тој период на опсервација ние ги следиме нивните преостанати можности и способности, она што тие можат да го усвојат, можат да го направат, сè со цел да можеме да работиме за нивно што е можно посамостојно делување во општеството што нè опкружува. Децата се најискрените суштества, а посебно овие дечиња со посебни потреби знаат да ја искажат таа љубов и таа приврзаност кон луѓето коишто работат со нив, така што ние тука функционираме како едно мало семејство“, објаснува Блажевска.
Во тетовскиот дневен центар настава посетуваат 20 деца со посебни потреби.