Од борба против криминал, до борба за етничка платформа

Архивска фотографија-антивладини протести во Скопје

Иако меѓуетничките теми се чинеа заборавени, а доминираше вокабуларот за борба против криминалот, по изборите се сведе главно на борба за етнички прашања. Аналитичарите сметаат дека тоа им оди најмногу во полза на двете досега владејачки партии - ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Почна како борба за расчистување со криминалот и неказнивоста и за воспоставување правна држава, а по две години главната дебата се сведе на меѓуетнички теми. Иако тие прашања за време на преговорите во Пржино, па и на граѓанските протести се чинеше дека се надминати, а дека двете најголеми етнички заедници заедно бараа правда, по изборите фокусот целосно се измести, а аналитичарите сметаат дека тоа им оди најмногу во полза на двете досега владејачки партии - ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Самите граѓани Албанци со право се незадоволни и од спроведувањето на Охридскиот договор и тие теми треба да се затворат за да се посветиме на другите важни прашања, како економијата, владеењето на правото и демократските процеси, смета аналитичарот Јордан Шишовски. Но, место ДУИ да понесе одговорност зошто како партија на власт не го спроведе тоа, како што вели, сега врши политичка уцена.

„Ова оди исклучиво во корист на националистичките партии, значи на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи на среден и на долг рок само тие може да профитираат од оваа ситуација“, вели Шишовски.

Според него, вина има и кај опозицијата, но и кај јавноста која не успеа да избега од дебатата која ја наметнаа и да ја фокусира кон итните реформски приоритети.

„Тоа е единствената платформа што може да помогне во решавањето на оваа криза која произлезе токму од уривањето на целиот правен и демократски поредок“, додава Шишовски.

Јазикот како тема ја отвори прво СДСМ пред изборите и тоа беше добар чекор затоа што најдобро е кога за правата на помалите етнички заедници се грижат поголемите, вели политичкиот аналитичар Џељаљ Незири.

„Но, по изборите, тоа што се случи е дефокусирање на целата јавност од процесот на воспоставување правна држава и на борба против корупцијата и криминалот кон некакви етнички поделби“, вели Незири.

Платформата сега е обид да се маркира политичкиот терен од страна на ДУИ и да се врати агендата на теми од кои таа партија најмногу би профитирала, додава Незири, според кој платформата и нема многу врска со практичните потреби на граѓаните Албанци. И секое решение кое би се нашло по ваквата дебата за употребата на јазикот нема да биде решение кое ќе помирува, оти како што додава тој, Македонците ќе имаат впечаток дека нешто им се наметнува со сила, а Албанците дека не добиле многу затоа што прво им беа ветувани уставни измени.