Се враќа ли Македонија во раните 90-ти, во водите на национал-романтизмот, како што кажува еден политички аналитичар, а го цитира Утрински во написот на насловната страница: „Платформа на платформа, државата надвор од форма“, а по повод иницијативата на Социјалистичката партија на коалициониот партнер во досегашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, Љубисав Иванов – Ѕинго за, овојпат, некаква македонска платформа контра онаа на партиите на македонските Албанци стокмена во Тирана, со која ќе се бранел опстанокот на Република Македонија. Оваа тема Вечер ја обработува исто така на насловната страница во најновиот број. Слободен печат е дециден: „Што се крие зад повикот на Социјалистичката партија – Удбашка платформа за разнебитување на Македонија“.
Во изминативе денови, инаку, главна тема во Вечер и во Дневник се обвинувањата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека наводно и на писмено се согласил на сите барања од албанската Платформа, главно за двојазичноста на цела територија на државава, и застрашувања со меѓуетнички судир помеѓу Македонците и Албанците.
На насловната страница во изданието од четвртокот весникот објавува интервју, најавено како ексклузивно, со новинарот а сега и пратеник во српскиот Парламент, Мирослав Лазански под наслов: „Ситуацијата зоврива: Србија и Грција ѝ велат ’Не‘ на Албанија!!!“ со кое всушност преговорите за владино мнозинство меѓу СДСМ и ДУИ ги носи на регионално ниво.
Вечер не сметал за потребно да ја објави ироничната изјава на српскиот премиер Вучиќ во едно интервју, што инаку ја објавува Утрински, а во кое тој тврди дека не се знае кој е премиер во Македонија и дека за Димитриев не знаел никој.
Во врска со преговорите за владино мнозинство, Утрински објавува: „Заев ја нафрли топката во шеснаесетникот на ДУИ“, но дека според првичните неофицијални информации од таа партија, „предлогот доставен од СДСМ не ги задоволува екстензивните толкувања на интегративците за употребата на албанскиот јазик, но е понуда за која треба да се размисли“. И Нова Македонија пишува за зачестената преписка помеѓу Заев и Ахмети: „Формирањето нова влада ги испоти поштарите“. И додава дека се очекува лидерите на двете партии да се изјаснат дали се согласиле да формираат Влада. Утрински информира: „Поделбата во ДУИ добива сериозни размери – двете внатрепартиски крила имаат дијаметрално спротивни ставови во однос на тоа дали треба да коалицираат со СДСМ или да ја продолжат соработката со ВМРО-ДПМНЕ“.
И во сиот овој политички галиматијас, „Што му се случува на Охридското Езеро?“ – прашува во наслов Утрински, потсетувајќи дека Езерото веќе подолго од еден месец е повлечено десетина метри и дека на откриените површини се гледаат остатоци од фосилни горива, објавувајќи загрижувачки фотографии снимени од активистите на невладината организација „Охрид СОС“. Слободен печат забележува: „Нафтените дамки во Охридското Езеро ги потресоа само екологистите“. За Вечер е важно дека „Шеталиштето од Студенчишта до хотел Парк е во завршна фаза“.