Американскиот претседател Доналд Трамп, на првата подолга соло прес-конференција во Белата куќа, главно говореше за односите со Русија и, како што рече, лажните вести во врска со ова прашање.
„Ќе ви кажам за мене. Немам ништо во Русија, немам никакви кредити во Русија, немам никакви договори со Русија. Претседателот Путин ми се јави културно да ми честита на победата на изборите, а потоа ми се јави, екстремно културно, да ми ја честита и инаугурацијата, што е одлично, но тоа го сторија и многу други лидери“, рече американскиот претседател.
Трамп изјави дека Русија изгледа презема провокативни чекори, како оној со пловењето на шпионски брод во близина на американскиот источен брег, затоа што заклучила дека наскоро нема да има подобрување на односите со САД.
Додаде дека не мисли оти Русија го тестира него, испраќајќи шпионски брод, како и со неодамнешното воспоставување нов балистички ракетен систем и надлетувањето на американски разурнувач во Црно Море од страна на руски авиони.
Наместо тоа, Трамп смета дека тие потенцијални провокации се резултат на нарушените надежи на рускиот претседател Владимир Путин оти врските со САД ќе бидат подобрени за време на неговото претседателство.
Американскиот претседател оцени дека лажните вести и фалсификувани извештаи, придонеле за отежнување на намерата за подобрување на односите со Русија. Трамп, во тој контекст го посочи случајот со советникот за национална безбедност Мајкл Флин, кој си поднесе оставка поради разговорите со рускиот амбасадор во Вашингтон. Оцени дека Флин е добра личност и не направил ништо лошо.
„Она што беше лошо беше начинот на кој другите луѓе, вклучувајќи ве и вас во оваа соба, ги пренесовте информациите, бидејќи тие беа класифицирани. Беа објавени илегално и тоа е проблем“, рече тој.
Трамп оцени дека неговата администрација работи како совршена машина.
„Да бидам искрен, наследив хаос. Дома и надвор. Хаос. Пуштив телевизија, отворив весници и видов хаос приказни. Хаос. Да, сега е токму спротивно. Администрацијата функционира како перфектна машина“, вели тој.