Децениско незадоволство од раководењето со Тетово

Општина Тетово

Жителите на Тетово се незадоволни од работењето на градските власти во изминатите неколку децении. Еден од анкетираните тетовци вели дека последен добар градоначалник бил Кочо Тулевски, кој бил на чело на градот пред речиси половина век.

Ретко кој од досегашните градоначалници на Тетово може да го добие епитетот добар градски татко или мајка, велат жителите на градот кој последните години, поради наталожените нерешени проблеми, живее со загаден воздух, со помалку вода и недоволно улици за движење. Анкетираните граѓани не се задоволни од она што изминатите децении го имаат добиено од локалната власт, без разлика кој да ја имал градоначалничката функција.

„Досега од никого, зашто хаос е во градот. Хаос во сè, не само чистотија. Не само градежништвото, нон стоп што се шири, едно до друго згради. Воздух нема, проветрување нема, депонии, на улици нема место за паркирање, зеленило, паркови, сè уништија. Спортски центар беше еден и...“

„Е па досега од Кочо Тулевски. (наша забелешка 1968-1972 и 1972-1975) Па затоа што ги исполнуваше своите задачи кои му беа како татко на градот. Беше чист градот. Уреден, паркови и зеленило имаше. Сега нема ништо.“

„Од никого скоро. Ништо не е направено во Тетово. Да речеме нешто за луѓево да се направи. Има ѓубре, смрдеа, чадови, чуда. Ништо нема што може да нè задоволи како граѓани. Секој ветува кога ќе дојде на власт да речеме, кога ќе дојде време да се оствари ништо не прават.“

„Па Хазби Лика.(2005-2009) Јас мислам тој беше поарен од овие последниве тројца. Колку-толку се чистеа улициве. Овие последни мандати на овие два градоначалници не сум задоволен. Ниту едниот ниту другиот, поготово од сегашниот“, велат анкетираните тетовци.

Ниту актуелната градоначалничка Теута Арифи претежно нема преодна оценка кај граѓаните. Ѝ се забележува дека не го исполнила ветеното.

„Многу слабо се одѕвала досега. На пример што ветуваше во почетокот на нејзиниот мандат. Многу во градот недостасува. Најпрво со депонијата.“

„Ако треба оценка од 1 до 5, двојка давам.“

„Кога требаше да гласаме, скоро да молеа.“

„Па моментално добро. Што го чисти снегот.“
„Добро, добро, задоволни сме. Не знам што направила, ама се гледа.“
„Ништо не направила, ништо.“

„Ништо, се ископала, еве гледате како е.“

„Не е лоша. Сега такви се партиите. Секој гледа за себе, никој не гледа за народ“, велат анкетираните.

Во 1991 година Тетово 10 месеци како поставен од Владата го водел скопјанецот Борче Тренески. Од 1991 година до 1997 година градоначалник бил Шаќир Алити. Алајдин Демири бил прв човек на градот од февруари до јули истата година. До 1999 година градот го водел Исмаљаки Емурлаи, а потоа на вонредни избори за градоначалник е избран Муртезан Исмаили кој добил мандат и до 2005 година. Хазби Лика, Сади Беџети и Теута Арифи се последните тројца градоначалници кои имале по еден четиригодишен мандат.