Мигрантите, повеќето млади луѓе од Пакистан и Авганистан, ја издржуваат зимата во импровизирани засолништа и мали шатори, како и во напуштените фарми во таа област.
Тие или не можат да најдат место во легалните главно преполнети мигрантски кампови во Србија или дури не се обидуваат да го сторат тоа, бидејќи камповите се многу далеку од границата која сакаат да ја преминат.
Еден од нив, Зубера, мигрант од Пакистан, вели дека тој веќе осум пати бил приведуван на границата, но оти не мисли да откаже од обидите да ја мине.
Унгарија е првата земја која го стопира бранот мигранти во 2015 и во почетокот на 2016 година со тоа што изгради ограда на границите со Србија и со Хрватска.
Зубера вели дека откако бил уапсен во Унгарија, тој бил тепан и оставен без без зимска облека, по што бил вратен во Србија.
Тешко е да се процени колку луѓе има на српската гранична зона кон Унгарија.
Околу петстотини се појавуваат да земат храна која им ја доставува една невладина хуманитарна организација со седиште во Суботица.
Мигрантите главно живеат во мали групи на пријатели и роднини на десетина километри од граничната линија.
За време на мигрантската криза илјадници луѓе, повеќето од нив бегалци од воените зони на Блискиот Исток, ја користеа балканската рута од Грција, преку Македонија и Србија до Унгарија.
Откако Будимпешта подигна ограда, мигрантите тоа почнаа да го прават преку Хрватска и Словенија до Австрија.
Бранот се намали откако скоро сите земји на рутата ги затворија нивните граници.
Но, луѓето и натаму пристигнувааат, сега главно од Бугарија. Сепак тие најчесто остануваат заглавени во Србија. Според последните податоци на УНХЦР, таму има околу 7 илјади и 700 мигранти, од кои шест ипол илјади во 17 легални кампови.
Другите се во близина на границата со Унгарија, чекајќи поволен момент да ја минат незабележано.