Кумановскиот адвокат Зоран Андоновски (36) од неодамна е прв и засега единствен меѓународен арбитар од Македонија во Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, Република Бугарија.
Тоа е суд кој се занимава со трговски спорови помеѓу правни лица во кои е задолжително да има меѓународен, странски елемент, спорови помеѓу физички и правни лица, покренување на правни празнини по однос на склучените договори за деловна соработка помеѓу правни субјекти и друго. Надлежноста во која Андоновски како меѓународен арбитар ќе постапува се договара во писмена форма помеѓу правните субјекти.
„Надлежноста на тој суд е задолжителна и двете договорени страни да ја прифатат клаузулата по која ќе дадат надлежност Арбитражниот суд во Софија да може да постапува по одделни предмети. Постапката пред Меѓународниот арбитражен суд трае од три до шест месеци, со што не постојат правни лекови, донесената пресуда во тој суд претставува извршна пресуда која може да се извршува согласно Њујоршката конвенција и на територијата на Република Македонија“, вели тој.
РСЕ: Што добива Македонија со тоа што вие ќе бидете во тој меѓународен суд?
„Македонија добива евтина арбитража, страните заштедуваат време, енергија, заштедуваат парични средства, постапките веќе нема да траат во недоглед, значи нема Апелациони и Врховни судови. Постапката е од три до шест месеци и се одлучува врз основа на писмена документација. По Статутот на судот, тој има дури и надлежност да ја испитува вистинитоста на доказите доставени од странките, дури и сам да истражува докази во случај доколку странките не доставиле неопходни докази за тврдењата во процесот“, вели Андоновски.
Мандатот е на неопределено време, арбитрите се исклучиво професионалци во однос на арбитражата и за илустрација Андоновски посочува дека претседателот на тој меѓународен суд е судијката Марија Јанева која има дипломирано на Институтот за арбитража во Комондор. Имено се работи за исклучиви професионалци кои знаат професионално да си ја извршуваат својата работа.
„За мене лично тоа е уште еден предизвик кадешто ќе можам да се докажам како професионалец, бидејќи 90 отсто од моето работење како адвокат се однесуваше на корпоративното управување со правните лица“, вели Андоновски, младиот македонски арбитар во Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија.