САД ги осудија агресивните акции на Русија во Украина

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

САД: санкции врз Русија додека не го врати Крим

Новиот американски амбасадор во Обединетите нации, Ники Халеј, ја обвини Русија за најновите насилства во источна Украина. Притоа, таа предупреди дека американските санкции против Русија кои се поврзани со Украина нема да бидат укинати се додека Москва не и го врати Крим на Украина.

Изразувајќи жалење што на нејзиното прво појавување во Советот за безбедност на Обединетите нации мора да изрази осуда поради, како што рече, агресивните акции на Русија, Халеј додаде:

„Ние сакаме добри односи со Русија. Како и да е страшната ситуација во источна Украина бара јасна и силна осуда за руските акции“, рече таа.

Нејзините забелешки дојдоа во време на растечките шпекулации за интенциите на новиот американски претседател Доналд Трамп спрема Москва кој изјави дека сака подобрување на односите меѓу двете земји.

Халеј јасно стави до знаење дека тензиите околу Украина нема да завршат наскоро при што потсети на руската анексија на полустровот Крим пред три години.

„Источна Украина, секако не е единствениот дел од земјата кој страда поради руските агресивни акции. САД продолжуваат со осудата и повикуваат на итен крај на руската окупација на Крим“, вели таа.

Таа наведе дека полустровот е дел од Украина.

Рускиот амбасадор во Обединетите нации Виталиј Чуркин ги отфрли критиките од Халеј и ги повтори оценките на рускиот претседател Владимир Путин кој пред тоа за време на посетата на Будимпешта рече дека на Киев му требаат пари што може да ги извлече од Европската унија и Соединетите Држави претставувајќи се како жртва на агресија.

Оценката на Путин наиде на коменатри од американскиот сенатор Џон Мекејн кој смета дека Русија го тестира претседателот Трамп со ескалирање на насилството во Украина.

„Нападите почнаа ден откако Путин зборуваше со вас по телефон и се јасен знак дека ве тестира како врховен командант“, наведува Мекејн во писмото до Трамп.

Инаку, Чуркин побара прекин на огнот и спроведување на мировниот договор од Минск постигнат пред две години.

Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за продолжувањето на борбите во изминативе денови кои доведоа до жртви и принудија голем број луѓе да ги напуштат домовите.

Украинската војска и сепаратистите поддржани од Русија се борат во близина на индустрискиот град Авдијивка кој е под контрола на украинската влада.