Сè се сведе на едно: „Услов за мандатот се потписи од 61 пратеник“ – како што изјави Заев по консултативната средба со претседателот Иванов, а објавува Утрински. Нова Македонија наслови: „Иванов: Прво доказ за мнозинство, а потоа мандат“. Вечер нуди објаснување: „Уставот без јасни одредби – не е предвидено што доколку мандатарот не состави влада“ – теза што деновиве засилено ја застапуваат правни експерти - толкувачи со провмровска провиниенција. Вечер го објавува и мислењето на професорот Саво Климовски дека претседателот морал да го почитува Уставот, „а не нарачките и желбите на партиите“.
Утрински во друг текст излезе со наслов: „Консултации за мандатот или купување време“, наведувајќи дека Иванов овој пат „реши да го примени методот што го пропушти пред првото доделување на мандатот – се сретна со претседателот на Уставен суд, а и најави поединечни средби со партиите“.
Слободен печат уште поексплицитен: „Иванов се консултира како да го забошоти мандатот“.
ВМРО-ДПМНЕ се испокара со цел свет. Утрински наведува: „Во ВМРО-ДПМНЕ се збунети, се допишуваат со Брисел и со САД, а тие бараат втор мандатар“. За Дневник, ставовите на ЕУ и на САД ги расчистувале дилемите: „Брисел ни бара широка влада со уставно мнозинство за да го смениме името“.
Инаку Кривичниот суд продолжува со опструкциите на СЈО. Утрински информира дека „Кривичен ги одби барањата за претрес и не ги враќа транскриптите од незаконски снимените материјали што му беа предадени на СЈО“.
Во врска со имотните листови на новите пратеници, Слободен печат оди со наслов: „Груевски од премиерската плата заштедил 230 илјади евра и купил 33 уметнички слики!“ Утрински детализира: „Најмногу евра Груевски заштедил во 2014 година, или по 10.000 евра месечно“. Заев пријавил имот на родителите – куќа, земјоделско земјиште во Муртино, деловен простор, стан и акции.
И уште за една состојба што изгледа нè загрижува само нас граѓаните: „Македонија се гуши во загаден воздух, надлежните без ниту една мерка“ – објави Утрински, наведувајќи дека скопска Гази Баба, од вкупно 31 ден во јануари, 30 дена била загадена со концентрации на ПМ 10 честички, најмалку четирипати повеќе од дозволеното. Високо загадување било измерено и во Битола, Тетово, Лисиче, Центар, Миладиновци, Кичево, Кавадарци и Куманово“. Граѓаните во овие градови и општини дишеле по дваесет и седум-осум дена загаден воздух.
Југохромци, пак, кои пред некој ден го блокираа патот Тетово – Скопје, бараат уште една средба со техничкиот премиер Димитриев, затоа што и покрај гасењето на печките во Комбинатот, што предизвика закана со отпуштање на повеќе вработени, загадувањето на Тетово и натаму е високо. На првата средба со Димитриев, наведува Утрински, дисциплинирано им било одговорено дека Владата е техничка и не може да преземе ништо.
И, за да не останеме покусо: Утрински на видно место објави: „Прв случај на птичји грип во Македонија, на една селска фарма во село Мороишта, во струшкиот регион“. Оваа вест некако срамежливо ја објави и Вечер, и другите пишани медиуми.