ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира влада со ДУИ и бара нови избори. Ова е веста што ноќеска на полноќ ја прочита или слушна домашната јавност.
Боби Алексов на Фејсбук страницата на РСЕ по тој повод напишал:„Да, ама и да гласаш со затворениците како криминалец, а не како граѓанин“. Со слична содржина е и коментарот на Исо Цаноски: „Ќе гласаш во Шутка како некој од невините што ги ставивте вие таму“.
Ѓорги Конзулов е уште поексплицитен: „Нови избори ќе гласа врхушката во Идризово, Дедо Мраз беше овде 10 години и си замина пред малку, така што режимот е на нозе и полека, но сигурно паѓа“.
Измит Исо Зеќири смета дека нема избори што може да ги изгуби СДСМ. „Господин Зоран Заев ќе ја има нашата масовна поддршка и доверба и ако треба ќе ги жртвуваме и нашите партии и нема да гласаме за нив. А Гвујо ќе се опишмани со својот лажен патриотизам и ширењето на меѓуетничка омраза!!!“
Со свои коментари се јавиле и приврзаници или членови на ВМРО-ДПМНЕ, особено активен е Мате Додевски, кој редовно постира коментари. Неговиот пост со некојси Лаки Арамбаша, комита вооружен до заби, се повторува 7-8 пати на нашата Фејсбук страница со текст во кој се заканува дека ќе ги исчистел сите „кодоши што ја газат мојата мајка Македонија...“ И Перо Димитров се заканува дека штом Заев ќе дојде на власт ќе почнела војна: „Борба против таквите како Заев и сороспиите, мора да ја исчистиме државата од олоши“. Тони Богески го прашува Перо, и сите што пишуваат вакви гневни коментари: „Перо Димитров, дали знаеш колку Македонци треба да убиеш за да ја исчистиш Македонија, дали знаеш дека и децата нивни треба да ги убиеш. СРАМОТА ШТО ВАКА ПИШУВАТЕ!“
Во сета сериозност од заканите и омразата за ова или она, Боби Илиоски внесува и малку ироничен хумор: „Абе ние можеме и без влада, најдобро да си стаиме директор и место министри – комерцијалисти, и да си го бркаме бизнисот!“