Наметнатата политизација раѓа омраза и реваншизам

Судирот меѓу политиката и културата од ден на ден се засилува. Прогласувањето неподобни уметници во иднина може да резултира со реваншизам.

Време е политиката да ја тргне шепата од театарот, зашто ситуацијата никогаш не била полоша од денес, вели театарскиот режисер и професор Зоја Бузалковска во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Чувството дека работите се менуваат и нормализираат и театарот се деполитизира, траело сосема кратко, а во меѓувреме судирот меѓу политиката и културата од ден на ден се заострувал.

„Ми се чини дека не било воопшто полошо одошто е денес и сега. Во меѓувреме конфликтот многу се заостри и ова што се случува во последните месеци, овие прозивки, овие набројувања на луѓе коишто не смеат да добијат проект, којшто не смее екс-министерката да ги награди со буџетски пари, тоа сето стана многу страшно и мислам дека она што може да се случи е нови и нови реваншизми потоа. Од тоа и најмногу се плашам впрочем“, вели Бузалковска во интевјуто.

Борбата против таквата политизација во културата мора да биде континуирана и според Бузалковска истата постои и може да се препознае кај одредена група.

„Да, ги поместуваме нештата, но се разбира дека не е воопшто лесно да се сруши една диктатура и да се справиш со власт од фашистички формат. Но, во секој случај јасно е дека работите се менуваат. На крајот на краиштата и бројките кажаа нешто многу ново и различно и самата сметам дека ништо не било залудно“, вели Бузалковска.

Професор Ѓорги Тоновски објаснува дека политизацијата во земјава ни е наметната и дека не е поврзана со македонскиот менталитет.

„Менталитетот на македонскиот народ е постојана желба, тенденција и пројава на оние фини нешта кои ги врзуваме со духовната надградба. Во сферата на поезијата, театарот, литературата и слично. Македонците се надалеку познати. Меѓутоа некој тоа им го одзеде. Некој сето тоа им го покри, им го уплаши менталитетот и се обиде да го бетонира со страв и неможност за слободно размислување“, изјави Тоновски.

Таквата состојба на духовно-креативна празнина може да се поправи со отворање на нови социјални односи, односно целосно нова атмосфера во социјалната надградба, вели Тоновски. Тој додава дека е потребен поинаков пристап на филозофијата на владеење и почитување на сите сфери на општетственото живеење во Македонија, односно политиката да го отстапи просторот на човечката креација.