Во интервју за телевизијата Еј Би Си, претседателот Трамп изјави дека се решил на такво нешто откако видел како Европската унија се бори со големата бегалска криза, главно поради војната во Сирија.
„Мислам дека Европа направи страшна грешка што им дозволи на милиони луѓе да влезат во Германија и во други земји“, рече тој.
Според американските новински агенции, Белата куќа веќе подготвила извршни наредби за вакви безбедносни зони во Сирија.
Во меѓувреме, Хјуман Рајтс Воч го осуди планот на Доналд Трамп за затворање на вратите за бегалците.
Извршниот директор на оваа организација за човекови права, чие седиште е во Соединетите Држави, Кенет Рот, побара од американскиот Конгрес да ја контролира новата американска администрација и да застане зад, како што рече, „Уставот и меѓународното хуманитарно право“.
Трамп во средата потпиша извршни наредби за изградба на ѕид на границата меѓу Соединетите Држави и Мексико и за намалување на илегалната имиграција во земјата, како и привремена забрана за влез на бегалци од неколку муслимански земји.
Во наредните денови се очекува американскиот претседател да нареди намалување на годишната квота на оние на кои им се дозволува влез во Соединетите Држави за половина. Сегашниот број е 100 илјади годишно.
Кенет Рот оцени дека тоа би можело да има последици врз имиџот на Соединетите Држави.
„Многу сум загрижен дека ние ќе го загубиме гласот на Соединетите Држави како на бранител на човековите права во светот. Ние не знаеме се уште за тоа, премногу е рано да се каже, но постои голема загриженост“, рече тој.
Реакции на загриженост дојдоа и од Мексико, главно за одлуката за изградба на ѕид на американско-мексиканската граница, како и за правата на мексиканските мигранти во Соединетите Држави.
Шефот на државата, Енрике Пења Нието, ја осуди одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп и најави консултации за заштита на мигрантските права во Соединетите Држави. Тој во кратката телевизиска порака рече:
„Жалам и не ја одобрувам одлуката на САД да продолжат со изградбата на ѕидот, кој и натаму ќе не дели. Мексико не верува во ѕидови. Пред извесно време реков и пак ќе повторам Мексико нема да плати за никаков ѕид“, рече тој.
Иако опозицијата во Мексико побара од шефот на државата да го откаже планираниот состанок со американскиот претседател Трамп во Вашингтон идната недела, тој, сепак не се изјасни дали ќе го откаже патувањето или не.