Спорот за името дочека четврти генерален секретар на ОН, но има мала надеж дека тој би можел да се реши токму во мандатот на новиот шеф на светската организација Антонио Гутереш од Португалија. Домашните аналитичари сметаат дека Гутереш има многу посериозни проблеми за решавање, а Македонија и Грција не покажуваат желба за сериозно зафаќање со решавањето на овој спор.
Универзитетскиот професор Мерсел Биљали вели дека тешко може да се очекува ОН да се заинтересираат за Македонија.
„Ние се соочуваме со два проблеми. Прво, ОН реално ќе се соочи со многу покомплицирани проблеми во светски рамки. Имаме нова структура во САД, односите со Кина, мултиполарниот свет, бегалците, ЕУ итн. Тоа се крупни проблеми со кои ќе треба да се занимаваат ОН. Тука Македонија не се гледа, таа е една дупка која дури и самата повеќе придонесува за усложнување на ситуацијата и јас не сум многу оптимист дека некој многу ќе се занимава со нас, без оглед на тие предлози, шетања лево-десно. Реално, ние имаме дополнително сложена ситуација тука внатре. Нема субјект со кого може да се разговара, особено сега кога сите играат на наводно патриотска карта, тоа е невозможно да се реши, па ќе видиме понатаму како ќе биде“, вели Биљали.
Професор Лазар Лазаров вели дека ако вака продолжат преговорите тие може да дочекаат и петти и шести генерален секретар на ОН.
„Многу погрешно, обратно се поставени работите од страна на генералниот секретар преку начинот на кој се водат разговорите. Со куферчето оди во Атина, врати се во Скопје и празно куферче, нема никакви резултати. Од друга страна, државата ни ја водат многу млади луѓе, да не кажам жолтоклунци, со исклучок на Глигоров, тоа се млади луѓе кои прв пат се сретнале со повисока функција, а камоли да водат надворешна политика“, вели Лазаров.
Универзитетскиот професор Владимир Ортаковски вели дека генералниот секретар може да се заложи за решавање на спорот, но решението мора да го донесат главните органи на светската организација.
„Во практиката, генералниот секретар игра важна улога во давањето добри услуги за решавање спорови, со што може да определи свој специјален претставник, како што е тоа е случај со Метју Нимиц во спорот за името, но решението на спорот, кој трае повеќе од 20 години, согласно надлежноста е сепак кај двата главни органи на ОН - Генералното собрание и Советот за безбедност“, вели тој.
Преговорите ќе продолжат кога ќе се избере стабилна влада
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас на почетокот на годинава се сретна со новиот генерален секретар на ОН и со посредникот Метју Нимиц. Во изјава за неделникот „Грик њуз“, Нимиц, кој присуствувал на состанокот на Коѕиас со Гутереш, рече дека имал добар разговор со шефот на грчката дипломатија.
Нимиц го информирал Гутереш за детали за спорот за името. Тој вели дека генералниот секретар е многу заинтересиран за ова прашање и како поранешен премиер на Португалија е запознаен со проблематиката.
„Се надевам дека наскоро ќе има влада во Скопје и после тоа се надевам дека ќе дојдам во регионот и да видиме дали можеме да завршиме некоја конструктивна работа за прашањето за името. Важно е да има две функционални влади во двете земји и ако сте медијатор, нема поента да се обидувате да посредувате ако една од страните нема влада“, вели Метју Нимиц.
Професор Лазаров вели дека, иако посетата на Коѕиас е во врска со кипарското прашање, ова покажува дека грчката дипломатија е поактивна и во однос на спорот за името.
„Грците секогаш одат пред нас. Ние чекаме работите прво да се случат и затоа ни се случува она што ни се случува. Посетата беше поради кипарското прашање, но покрај тоа е споменат и проблемот со Македонија. Требаше нашата дипломатија, ако министерот не може, може нашиот претставник во ОН да воспостави контакти и да го наметне прашањето и за Македонија. Во спротивно ние ќе останеме слепо црево и натаму ќе се влече тој проблем“, вели тој.
Биљали, пак, посочува дека Македонија се занимава со себе, а не со надворешните проблеми.
„Нашата дипломатија, за жал, наместо да се занимава со важни прашања, таа се занимава со Сорос и троши енергија. Ние сега немаме влада со полн капацитет, но дури и кога ќе имаме, не верувам дека со ваква констелација на внатрешните односи нешто попаметно ќе направиме. Не сум голем оптимист“, вели тој.
Можна ли е промена на форматот на преговорите?
Од време на време во јавноста се појавуваат повици за промена на форматот на преговорите за името, но засега не дошло до конкретна иницијатива за тоа. Се споменуваа повици за поактивно учество на САД, именување посредник од ЕУ, средби на највисоко ниво меѓу Македонија и Грција, па до отворање на прашањето пред Генералното собрание на ОН.
Посредувањето од ЕУ веднаш се исклучува поради тоа што Македонија таму е во инфериорна положба, имајќи предвид дека Грција е членка на Унијата. Тогашниот премиер Никола Груевски, пак, во Илинденскиот говор во 2013 повика разговорите да се водат на премиерско ниво и спорот еднаш засекогаш да се реши, но ни од тоа не испадна ништо.
Лазаров посочува дека спорот многу тешко дека може да се реши на овој начин и предлага, откако Македонија ќе излобира признавање од доволен број земји, да го стави приемот во ОН под уставното на гласање пред Генералното собрание на ОН.
„Нас досега околу 140 земји нè признаа под уставното име, ни требаат уште три четири земји да го поставиме пред Генералното собрание на ОН и да ја ставиме пред свршен чин грчката страна. Мислам дека разговорите што се водат сега се многу погрешно поставени. Мислам дека е поефикасно, ако одиме на разговори на владино ниво, значи македонската и грчката влада со учество на експерти и да се постави рок да се реши тоа прашање. Меѓутоа, колку што сме виновни ние и нашата надворешна политика, уште повеќе виновна е грчката политика“, вели Лазаров.
Ортаковски, пак, потсетува дека приемот на Македонија во ОН под привремената референца е преседан во меѓународното право, зашто на земјава и се наметнува дополнителен услов за членство за што не постои основ.
„Да направиме Генералното собрание на ОН да побара советодавно мислење од Меѓународниот суд на правдата и истото да биде добиено. Зошто Генералното собрание? Затоа што државите не може да побараат советодавно мислење од Меѓународниот суд на правдата. Второ, ќе треба во соодветен момент да поднесеме писмена нота дека се повлекуваме од Привремената спогодба којашто ќе стапи во сила после една година согласно членот 23, став 2 од Привремената спогодба. Трето, откако ќе ги направиме првите два чекори, да побараме Генералното собрание да донесе нова резолуција во која ќе нема дополнителни услови“, вели тој.
Ортаковски посочува дека договорот што евентуално би го постигнале Македонија и Грција не може да им се наметне на трети земји кои веќе ја признале земјава под Уставното име.
Други аналитичари, пак, посочуваат дека политичкиот проблем со Грција не може да се реши со правни средства. По грчкото вето за членството на Македонија во НАТО во 2008 година, Македонија покрена правна постапка пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Судот во 2011 година пресуди дека Грција ја прекршила Времената спогодба, блокирајќи го членството на земјава во НАТО под привремената референца, но освен морална сатисфакција, земјава не се офајди од тоа.
Луѓе упатените во преговорите за името велат дека идејата спорот да се решава преку нова резолуција на ОН се стари колку што е стар и спорот за името и оти се правени сериозни анализи за тоа, но оти решение на тој начин е невозможно, зашто Грција има моќ да го спречи. Да било толку лесно досега ќе беше направено, велат тие.
Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, прашува кои од големите сили во Советот за безбедност би ја поддржале Македонија да направи такво нешто.
„Тоа сигурно ќе нè чини многу и време и сили и средства, а од тоа нема да излезе ништо. Прашањето е политичко, а не правно. Да беше правно немаше ни да се донесе Резолуцијата 817, затоа што немаше правна основа за тоа. Со сите сили сме настојувале и во 1993 година да нè примат под уставното име, меѓутоа сите пет големи сили ни дадоа поединечно на знаење дека тоа не е возможно, а тие идеи одамна ги има“, вели Андов.
Со сличен став е и поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, професор Нано Ружин. Најмалку една членка на Советот за безбедност на ОН би ставила вето на прием на Македонија под уставното име, вели тој.
„Во дипломатијата, особено мали држави како Македонија не може да наметнуваат такви решенија, туку едноставно сите форми на канализација на овој наш проблем со Атина водат единствено кон дијалог и изнаоѓање заедничко решение“, вели тој.
Во септември 2013 година, за време на посетата на Скопје, посредникот Метју Нимиц рече дека има сериозни разлики во однос на спорот за името.
Грција бара на името да му се додаде географска одредница. Грчката страна инсистира одредницата да биде пред зборот Македонија, додека македонските власти инсистираат таа да стои пред зборот Република. Друго спорно прашање е опсегот на употреба, односно Грција инсистира името што евентуално би било договорено да се употребува секаде, за разлика од предлогот на Нимиц, што сепак не беше соопштен. Нимиц тогаш рече дека има географска одредница, но не и етничка како што шпекулираа некои медиуми. Во јавноста се појавија информации дека се разговарало за додавките Северна или Горна.
Гутереш треба да се соочи со големи предизвици
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Поранешниот португалски премиер Антонио Гутереш на први јануари годинава го замени Бан Ки Мун на местото генерален секретар на Обединетите нации. Тој, како деветти шеф на Светската организација ќе се соочи со многу предизвици, но и со се побројните барања особено од САД за реформа на Обединетите нации.
Гоце Атанасов
Поранешниот португалски премиер Антонио Гутереш на први јануари годинава го замени Бан Ки-мун на местото генерален секретар на Обединетите нации. Тој, како деветти шеф на Светската организација ќе се соочи со многу предизвици, но и со сè побројните барања особено од САД за реформа на Обединетите нации.
Меѓу првите средби на Гутереш откако ја презеде функцијата беше онаа со новиот американски претседател Доналд Трамп. Како што е познато, Соединетите Држави се најголемиот финансиер на Обединетите нации. Трамп потоа, вообичаено на Твитер, напиша:
„Работите ќе бидат поинакви во Обединетите нации по 20 јануари. Тие имаат голем потенцијал, но засега тоа е само клуб каде што луѓето се состануваат, разговараат и убаво се забавуваат, а тоа е тажно“.
Потребата за промени уште на првиот ден од преземањето на функцијата ја нагласи и самиот Гутереш кој, наведувајќи дека имало многу скептицизам за улогата што Обединетите нации, оцени дека ОН остануваат стожер на мултилатерализмот.
„Во исто време неопходно е да бидеме сигурни дека ние сме во состојба да го реформираме развојниот систем на Обединетите нации како што тоа земјите членки го бараат од нас“.
Гутереш ја повика меѓународната заедница на целосно нов пристап за спречување војни и одржување на мирот. Според него, премногу време и средства се трошат на решавање на кризите, а не на нивно спречување.
„Можеби затоа што нема телевизиски камери при настојувањето да се избегнат“, изјави тој, додавајќи: „Превентивната акција е клучна за избегнување масовни злосторства или сериозни злоупотреби на човековите права“.
Гутереш можеби најдобро го знае тоа со оглед на фактот што два мандата беше шеф на Високиот комесаријат за бегалци. 67-годишниот Гутереш е меѓународно најпознатиот португалски политичар кој беше вклучен како медијатор во многу кризи. Пред тоа тој беше социјалистички премиер на Португалија. Во 1999 година беше предложен да ја води Европската комисија, но го одби тоа, образложувајќи дека имал доволно проблеми дома. Сепак, тој мораше да се справува со еден голем проблем, ултранационализмот во срцето на Европа, во Австрија, против која ЕУ усвои санкции во 2000 година додека Португалија беше претседавач на ЕУ. Брисел политички ја избегнуваше Виена поради тоа што крајно десничарската „Слободарска партија“, идентификувана со ксенофобија и расизам, влезе во австриската влада. Гутереш тогаш тоа го нарече „лекција за светот“.