Обама: Трамп има своја визија и вредности

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Обама: добрите односи со Русија се во интерес на светот

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека во интерес на светот е САД и Русија да имаат конструктивен однос. Сепак, тој забележа дека тоа е тешко откако Русија под претседателот Владимир Путин го врати „духот на контрамерки“. Обама оцени дека санкциите беа поради руските акции во Украина.

Барак Обама прецизира дека санкциите врз Русија биле за анектирањето на украинскиот полустров Крим и затоа не би требало да се поврзуваат со разговорите за намалување на нуклеарното оружје.

Според Обама, овие санкции треба да останат се додека Москва не заземе поинаков курс спрема Украина.

Деновиве избраниот претседател Доналд Трамп сугерираше поврзување на санкциите со нуклеарното разоружување.

Обама, на финалната конференција за печатот, зборуваше за, како што рече, „руската растечка антиамериканска реторика“ која почнала откако Владимир Путин се врати како претседател во 2012 година.

„Мислам дека е фер да се каже оти откако претседателот Путин се врати на претседателската функција, ескалацијата на анти-американската реторика и пристапот кон глобалните прашања се чинеше се потпираат врз идејата дека она што Америка се обидува да го направи мора да е лошо за Русија и затоа сакаме да се обидеме да се спротивставиме на она што тие го прават“, рече тој.

Обама, на последната прес-конференција пред в петок да му ја предаде функцијата на новиот шеф на државата, републиканецот Доналд Трамп, изјави дека е нормално да се очекува Трамп да донесе свои вредности за време на мандатот во Белата куќа.

„Мојата работна претпоставка е дека, откако победи на изборите, за разлика од големиот број мои иницијативи и одредени аспекти од мојата визија за тоа каде земјата треба да оди, примерно за него е да оди напред со својата визија и неговите вредности. Јас не очекувам дека тука ќе има огромно преклопување“, рече тој.

Обама додаде дека најдобриот совет што му го дал на Трамп бил внимателно да го избере свој кабинет.

„Мислам дека многу од неговите погледи ќе бидат обликувани од неговите советници, ова работа е со таков опсег што вие не можете да ја правите сами“, рече американскиот претседател.

Обама на последната прес-конференција, по двата мандата во Белата куќа, рече дека би можело повторно да истапи пред јавноста доколку бидат загрозени основните американски вредности.