Достапни линкови

Милорад Додик под американски санкции


САД воведоа санкции против Милорад Додик
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:03 0:00

САД воведоа санкции против Милорад Додик

Соединетите Држави воведоа санкции против претседателот на Република Српска, Милорад Додик. Во образложението се наведува дека тој активно ги опструирал напорите за спроведување на Дејтонскиот договор од 1995 година со кој заврши над тригодишната војна во БиХ. Додик изјави дека санкциите не му ги воведоа САД, туку американската администрација која е во заминување. „Одлуката е депласирана, бидејќи немам ништо во странство“, рече тој.

Своевремено признат како демократски реформатор, Додик го надгледуваше одржувањето на референдумот во септември лани за одбележување на 9 јануари како ден на Република Српска.

Тоа и покрај забраната на Уставниот суд на Босна и Херцеговина дека таквото одбележување преставува дискриминација за несрпското население во БиХ.

Американските претставници го оценија референдумот како кршење на законите и како обид за поткопување на мировните договори.

Американската амбасадорка во БиХ Морин Кормак потврди синоќа дека САД воведоа санкции против Додик поради опструкции на Дејтонскиот договор.

„Милорад Додик му се спротивстави на Уставниот суд на БиХ, го прекрши законот и претставува значителна закана во врска со спречувањето на спроведувањето на Дејтонската спогодба“, рече таа.

Соединетите Држави и Европската унија беа против референдумот за Денот на Република Српска.

Гласањето беше поздравено од Русија со која Додик заговара потесни врски.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров вчера изјави дека граѓаните на БиХ сами треба ја решаваат нивната иднина.

Додик е за независност на Република Српска и се закани дека ќе одржи референдум за статусот на судскиот ситем како и за повлекување на војниците на Република Српска од заедничката босанска армија.

Санкциите подразбираат забрана на патување во САД и замрзнување на имотот на територијата на САД, како и во сите земји кои ќе им се придружат на овие санкции.

До оваа мерка доаѓа неколку недели откако Додик соопшти дека бил поканет на инаугирацијата на избраниот американски претседател Доналд Трамп на 20 јануари во Вашингтон, но оти американската амбасада во Сараево одбила да му даде дипломатска виза.

Како што се испостави, поканата била за приватен бал спонзориран од верски и конзервативни организации. Додик најави дека ќе бара регуларна американска виза.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG