Република Српска денеска го одржува контроверзниот референдум и покрај пресудата на Врховниот суд во Сараево. Планираниот референдум ја предизвика најжестоката дебата меѓу босанските муслимани и босанските Срби од потпишувањето на Дејтонскиот договор со посредство на САД во 1995 година, кога беше создадени Република Српска како еден од двата конститутивни ентитети на Босна и Херцеговина.
Гласачите на референдумот треба да одговорат на прашањето дали се за тоа „Денот на државноста“ на Република Српска да се празнува на 9 јануари, третиот ден од православниот Божиќ и денот кога пратениците Срби од Босна и Херцеговина во 1992 година ја донесоа Декларацијата за независност од Босна, која ја поттикна тригодишната крвава меѓуетничка војна.
Критичарите на референдумот велат дека тој ги разгорува меѓуетничките тензии и го зацврстува сепаратистичкото расположение кај босанските Срби.
Уставниот суд на Босна и Херцеговина на 17 септември го забрани референдумот, оценувајќи дека празнувањето на 9 јануари бесправно ги дискриминира Бошњаците, кои се муслимани, и Хрватите, кои се католици.
Националистичкиот претседател на Република Српска, Милорад Додик, сепак продолжува со референдумот. Критичарите сметаат дека тој се обидува да го отвори патот за иден референдум, можеби во 2018 година, за тоа дали Република Српска треба да се отцепи од Босна и Херцеговина. Таков чекор би значел крај за Дејтонскиот договор, со кој формално беше завршена војната во Босна и Херцеговина, која траеше од 1992 до 1995 година.
Бакир Изетбеговиќ, бошњачкиот член на трипартитното претседателство на Босна и Херцеговина, предупреди дека одржувањето на референдумот и покрај забраната од Уставниот суд, може да доведе до „авантура“ во која „работите може да излезат од контрола“.
Додик, пак, вели дека отцепувањето не е дел од неговите краткорочни планови за Република Српска, но оти во иднина тоа може да дојде на дневен ред.
„Ова не е референдум за отцепување“, инсистира Додик.
„Не е ни почеток на тој процес“, вели тој.
На почетокот на септември, српскиот премиер Александар Вучиќ во Белград рече дека Србија е и секога ќе ја биде зад Република Српска.
„Сите кои мислат дека може да ја освојат Република Српска треба да знаат дека тоа е невозможно, зашто Србија секогаш стои зад Република Српска“, рече тој.
Западни претставници ја повикаа Република Српска да го откаже референдумот, велејќи дека го предизвикува владеењето на правото и Дејтонскиот мировен договор. Високиот претставник на ЕУ за Босна и Херцеговина, Валентин Инцко, рече дека планираниот референдум е „директен напад врз Уставниот суд и според тоа исто така е и напад врз државата“.
Американската амбасада во Сараево соопшти дека ќе има последици, ако референдумот не биде откажан.
Советот за спроведување на мирот, меѓународно тело што го надгледува спроведувањето на Дејтонскиот договор, исто така ги повика босанските Срби да го откажат референдумот. Во нивното соопштение се наведува дека границите на Босна нема да бидат прецртувани и ги повикуваат сите страни „да се воздржат од реактивни мерки и реторика на поделба“. Сепак, Русија, која е една од членките на Советот и традиционален поддржувач на Србите, се дистанцираше од соопштението. Рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина јавно го поддржа денешниот референдум и оцени дека е демократски чин.
Нагласувајќи ја поддршката од Кремљ за Република Српска, рускиот претседател Владимир Путин на 22 септември го прими Додик во официјална посета на Москва. Руските државни медиуми објавија дека двајцата разговарале за „билатералната соработка“.