ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ неделава, според најавите од високите партиски функционери, се очекува официјално да ги почнат преговорите за составување влада. Од двете партии не откриваат ништо подетално, а портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, само се повикува на изјавите на Трајко Вељаноски и Антонио Милошоски, двајцата партиски функционери, дадени викендов.
Милошоски рече дека очекува во текот на неделава ВМРО-ДПМНЕ официјално да ги почне преговорите со ДУИ, а Вељаноски изрази убедување дека во наредниот период лидерите Никола Груевски и Али Ахмети ќе најдат сили за формирање влада.
Но, според Беса Арифи, професорка на Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа, преговорите нема да имаат никаква смисла поради тоа што двете страни јасно ги поставија своите позиции, особено за прашањето за продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство.
„При вакви услови навистина е беспредметно да се водат какви било преговори, бидејќи навистина не се знае од каде ќе почнат тие преговори кога главните услови не се прифатени од едната страна, додека пак на нив се инсистира од другата страна“, вели Арифи.
Во минатата недела двете партии комуницираа и „преговараа“ преку соопштенија. Откако ДУИ како услови кои не можат да бидат предмет на преговарање ги наведе рамноправна употреба на службениот албански јазик, интеграцијата во НАТО и во ЕУ и продолжување на мандатот на СЈО, ВМРО-ДПМНЕ излезе со спротиставени позиции. Во соопштението во кое само на почетокот се споменува дека не се согласуваат, нема да преговараат и нема да дозволат промена на Уставот, со цел двојазичност на целата територија, главно партијата на Груевски се противи на продолжување на мандатот на СЈО, на што пак ДУИ тврди јавно дека ќе инсистира.
Темелко Ристески, професор на Факултетот за општествени науки, не очекува некоја од страните да отстапи од ставот за СЈО. ДУИ иако формално влегува во преговори, тоа ќе биде само некакво тактизирање, смета тој. Од друга страна дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ е во случаите на СЈО и ним не им одговора продолжување на мандатот, додава Ристески.
„Продолжување на мандатот на СЈО ќе значи и овозможување на нивно понатамошно гонење, поднесување обвиненија итн, и конечно е можно тие да се најдат пред лицето на правдата, а тоа на нив очигледно не им одговара“, вели Ристески.
Дека ВМРО-ДПМНЕ стои на ставот против СЈО, потврди и Вељаноски кој рече дека нема можност партијата да дозволи продолжување на мандатот нагласувајќи дека „таа хибридна ситуација треба да оди во историјата. Според него, од 23 до 29 јануари, ќе се затворат сите отворени прашања, ќе продолжи конститутивната седница и ќе се избере претседател на Собранието и составот на новата влада.