Концерт на МИЛАН ПЕТРОВИЌ КВАРТЕТ во Јавна соба

Милан Петровиќ квартет

Во рамките на „Show Room“, неодамна зачнатиот проект за промоција на регионалната музичката сцена, оваа сабота, на 14 јануари, од 21.30 часот, во Јавна соба, во Скопје, ќе настапи белградскиот МИЛАН ПЕТРОВИЌ КВАРТЕТ, еден од најдинамичните и најквалитетните инструментални џез-фанк-блуз состави во соседна Србија. Ова е првиот од серијата интернационални концерти што има за цел да ја зачне размената на програми во овој дел од Континентот.

По нецели триесеттина дена од промовирањето на проектот, патем во чии рамки досега се обистинија перформансите на сакасофонистот Кирил Кузманов и неговите џез-собеседници, ЗИНГ ПРОЏЕКТ и ЕМ ЏЕЗ СЕШН, во „Show Room“, низ „отворените порти за џез концерти“ на Јавна соба, како прв регионален бенд, треба да помине квартетот на белградскиот пијанист, композитор и текстописец Милан Петровиќ.

Формиран во 2011 година, за релативно кратко време – нешто повеќе од половина декада, МИЛАН ПЕТРОВИЌ КВАРТЕТ успеа да изгради репутација не само на еден од најагилните и најквалитетните на српската музичка сцена, туку и како бенд чија пројава е со симпатии пречекувана на фестивалите на Балканот. Своето вишнеење, со вкрстувањето на џез, фанк, блуз, поп и етно елементи, го најавиле на прогресивниот фестивал „Џез за ЏБ“ на белградскиот Дом на млади, за да не многу потоа уследат и нивните настапи на сличните манифестации во Словенија (Љубљана) и Австрија.

Паралелно со првичните објави, во 2014 година настапиле и на Нишвил и на фестивалот во Инџија, во повеќе градови на Хрватска и во Романија. Наредната година го снимаат нивниот трет албум (High Voltage Studio Sessions Vol.​2 Milan Petrović Quartet Live) и потем повторно тргнуваат на пат свирејќи и во Мостар (Босна и Херцеговина), на Прилепскиот џез викенд, во Охрид и во уште неколку градови во Македонија. Сезоната ја завршуваат со обелоденување на носачот на звук со концертните снимки од фестивалот во Ниш, за да во мај мината 2016, за белградската издавачка етикета „Метрополис“, биде публикуван нивниот актуелен и многу фален албум „Dates“.

За објавата, рецензентот Ненад Пекез пишува дека „ако со претходните албуми само го навестиле нивниот вистински потенцијал, тогаш со „Dates“ МИЛАН ПЕТРОВИЌ КВАРТЕТ нуди една навистина иновативна, креативна и крајно возбудлива возба која едноставно ве остава без здив“. Тој оди дотаму што за составот вели дека „тоа е нешто најдоброто што им се случило на овие простори во последниве неколку години“.

И, како дополна на ова нека биде познато и тоа дека покрај лидерот во бендот се и сакасофонистот Лехел Наџи, басистот Роберт Гостинчар и тапанарот Богдан Здјелар.

Милан Петровиќ, пак, повеќе од две децении е присутен на српската музичка сцена. Бил член на популарниот ДЕЛ АРНО БЕНД (едни од ретките вистински реге мајстори на овие простори), свирел и во придружната група на џез пејачката Ана Станиќ, а потем и во неколку блуз постави како големите РОУ ХАЈД, па БЛУ ШАРК, РОСТЕРБЛУЗ БЕНД, ТЕКСАС ФЛОД, ЗОНА Б и други. Тој во март 2012 година го потпишал и авторскиот проект „Excursion“ на кој соработува со 38 најпознати џез и блуз музичари од тамошната сцена како пијанистот Васил Хаџиманов, гитаристот Душан Безуха, дело за кое добива одлични критики на страниците на повеќе музички портали меѓу кои и денес легендарниот и непостоечки „Попбокс“.

„Концертот на квартетот на Милан Петровиќ, кој е прв странски гостин во програмата „Show Room“, се надеваме дека ќе отвори серија на гостувања на музичари и од другите земји во регионот. Имаме најава за соработка од сличната белградска програма Миксер за почеток, така што размената на џез културата на овој начин ќе биде двонасочна“, вели Марко Василевски, уредник на програмата којашто е во продукција на Јавна соба.

Колку за потсетување, „Show Room“ е замислена како отворена музичка програма составена од концерти и други содржини креирани од музичарите од македонската и регионалната џез сцена, која има за цел да го претстави музичкиот и креативен потенцијал преку индивидуална интерпретација на стилови, концепти и артисти.