На кого би му одговарале нови избори?

Архивска фотографија - Претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ Никола Груевски и Али Ахмети

Сите опции се отворени засега, од влада на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, влада на СДСМ со партиите на Албанците, па и нови брзи избори, оценуваат аналитичарите. Според нив, последната опција најмалку му одговара на СДСМ.

Двата главни фактори во моментов за формирање влада, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се уште не почнале преговори за можно коалицирање. Портпаролот на ДУИ Бујар Османи вели дека досега нема најава за почеток на консултации. Во меѓувреме, по интервјуто на претседателот на ДУИ Али Ахмети за Телевизијата 21 се отвораат неколку можни сценарија за исход на настаните - влада со Груевски во уставниот рок, нови избори или пак влада со СДСМ. Според аналитичарите, во моментов сите варијанти се во игра, а само на најголемата опозициска партија не и одговара повторно гласање.

ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ формираат влада

Двете партии, според уставно предвидените дваесет дена од доделувањето на мандатот имаат рок до 29 јануари да се договорат за коалиција. Ахмети неколкупати повтори дека ќе влезат во преговори со Груевски, но сепак додаде дека ако не се прифателе барањата од платформата што ја потпишаа заедно со Беса и Алијанса за Албанците немало да прават отстапки. ДУИ има историски пад на рејтингот и затоа ќе се држи до платформата, а ВМРО-ДПМНЕ тешко ќе може да испорача нешто од тоа затоа што се заложници на својата предизборна реторика, смета Марко Трошановски од Институтот за демократија.

„Поради тоа мислам дека е малку веројатно таа коалиција да се случи имајќи предвид дека и внатре во ДУИ огромен дел од членството е против таква коалиција“, вели Трошановски.

Нови избори

Доколку, пак, не успеат да се договорат отворена е можноста, како што најави и самиот Ахмети нарекувајќи ја петта опција, да се оди на нови избори. Ова е неповолно за СДСМ, бидејќи тие премолчувајќи ја платформата на партиите на Албанците од една страна и ултимативните барања во неа од друга страна е тешко да успеат да освојат толку албански гласови како на 11 декември, смета Трошановски,кој нагласува дека и моментумот не е ист како минатиот месец.

„Дел од албанските гласачи кои гласаа за СДСМ сигурно ќе бидат примамени од овој етнонационалистички концепт наместо граѓанскиот концепт кој го промовираше СДСМ и своите гласови би ги дале повеќе за Беса и за останатите партии на Албанците. Затоа мислам дека и малите партии на Албанците калкулантски влегоа во поддржување на оваа платформа, надевајќи се да одземат од гласовите на Албанците кои беа дадени за СДСМ“, вели Трошановски.

Одолговлекување со доделување мандат

Опцијата избори, според аналитичарите, е отворена и поради различното толкување на членот 90 од Уставот во кој се наведува дека претседателот е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Според некои уставни експерти, во него не се предвидува мандатот ако не успее мандатарот да се довери на друг, или пак на друга партија. Можно е, но и малку веројатно такво сценарио, вели аналитичарот Алберт Муслиу, посочувајќи на неочекуваната аболиција што ја даде претседателот Ѓорге Иванов.

„Ние сме биле сведоци минатите години на секакви нелогични и според некои експерти неуставни и незаконски чекори, па и преку тоа се поминувало. Но, мислам дека тоа сценарио е премногу комплицирано и за Иванов, а да нема реакции од другата страна“, вели Муслиу.

Заев формира влада

Ако по истекот на уставните 20 дена не се формира влада и мандатот го добие претседателот на СДСМ Зоран Заев тогаш тој ќе преговара со ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците. Според Муслиу, сегашната опозиција да формира влада не е невозможна варијанта особено затоа што двата потписници на платформата, Беса и Алијансата за Албанците имаат, како што вели, многу потолерантен однос кон СДСМ од колку кон ВМРО-ДПМНЕ. Ахмети пак, не ја отфрли можноста за коалиција со Заев иако беше поскептичен од колку за формирање влада со ВМРО-ДПМНЕ.