Дали ќе продолжи досегашната политика на задолжувања во голема мера ќе зависи од тоа дали досегашната владејачка коалиција ќе остане на власт или ќе се формира ново мнозинство, велат економските аналитичари.
Македонија наредната година треба да го зголеми јавниот долг за нови 302 милиони евра, со што задолженоста ќе надмине 53 отсто. На крајот на септември годинава, јавниот долг достигна 4,752 милијарди евра, односно 50,6 проценти од БДП. Во фискалната стратегија за периодот 2017-2019 година е предвидено јавниот долг наредната година да надмине 53 отсто од БДП-то и да надмине 5 милијарди евра.
Професор Зоран Ивановски вели дека доколку остане истата владејачка гарнитура не треба да се очекуваат промени. Прашање е во колкава мера и евентуална нова власт ќе може да ја промени таа политика во однос на јавните финансии, барем на краток рок, вели тој.
„Сè уште е нејасна ситуацијата околу нивото на задолженост и нивото на преземени, а неисплатени обврски“, вели тој.
Сепак, посочува дека од друга страна, преземените проекции во буџетот може да бидат и променети со евентуален ребаланс, каде што како нужна се наметнува потребата од разумно и прудентно управување со јавните финансии и нормално финансирање на оние потреби кои би значеле и можност за динамизирање на економската активност на државата на среден и на долг рок.
„На краток рок се разбира дека ќе биде тешко да се менува политиката, меѓутоа секој обид во тој правец би бил поздравен од јавноста“, вели Ивановски.
Годинава само за камати на долговите беа потрошени 112 милиони евра, а во буџетот за догодина е предвидено за камати земјава да потроши 133 милиони евра. Колку за споредба, автопатот Миладиновци-Штип, што се гради, чини 206 милиони евра.
Академик Абдулменаф Беџети, пак, очекува јавниот долг наредната година да порасне и повеќе од тоа што е проектирано. Ако се промени владејачката коалиција можеби ќе има поголема претпазливост, но зголемувањето на долгот ќе биде неминовно, вели тој и додава дека прашањето за одржливоста на долгот е одамна надминато.
„Еден од критериумите, односно би рекол основниот критериум во мерење на висината на задолжување е односот меѓу фискалната цена, односно каматите што се плаќаат и ефектите што ги постигнува тој долг. Така, ова е негативно од поодамна, од пред 4-5 години е укажано ова, од причина што ние имаме доминантен дел на намена на овие задоложувања за непродуктивни расходи“, вели Беџети.
Во првата половина од наредната година, за враќање доспеваат 371 милиони евра, што значи дека владата треба да се задолжи за најмалку толку само за да ги врати старите долгови. Во наредните шест месеци се предвидени 18 аукции на државни хартии од вредност, односно ќе има по три нови задолжувања месечно, а се предвидува и издавање на нова еврообврзница.