За дел од експертите новото задолжување од скоро 114 милиони евра кои денеска Владата ги позајмува преку аукција на државни хартии од вредност е во согласност со усвоениот буџет, во кој се предвидува дефицитот од околу 300 милиони евра да се финансира со задолжување, а истовремено има одобрено и износ кој е потребен за отплата на доспеани долгови.
Во согласност со законот е, но не е оправдано, оти кај нас законите се носат на сила и на штета на македонската економија, вели поранешниот гувернер на Петар Гошев.
„Прашањето дали е оправдано или не, е поврзано со прашањето за кои намени одат тие пари. И дали и понатаму со ова ниво на задолжување, јавните финансии се движат во правец на консолидација или деконсолидација? Задолжувањата се проблематични и од аспект на нивната намена. Зошто не се води сметка за приоритетите, туку за стекнување на популистички поени“, вели Гошев.
Од оваа Влада не може да се очекува да ги почитува принципите и правилата, зошто таа си ги брани само своите интереси, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. Тој уверува дека новото задолжување е во функција на предизборна корупција кон домашните компании.
„Сега се избори. Компаниите сега вршат притисок дека ќе излезат во јавност и ќе кажат дека со години Владата не ги подмирува нашите побарувања. Владата се наоѓа во теснец и затоа е принудена да позајми пари и да го отплати долгот кон приватниот сектор, затоа и требаат пари, се е во функција на изборите“, вели Хајредини.
И за Гошев тајмингот на задолжувањето отвара сомнежи.
„Тоа е намерно така темпирано. Исплатите во рамки на еден необјективно висок буџетски дефицит се така темпирани за да можат да произведуваат политичка корупција“, убеден е Гошев.
Ваквите постапки на економските власти предизвикуваат тешки последици за македонската економија, на која како што велат соговорниците, ќе и треба долго време да се опорави. Од новите 114 милиони евра за кои се задолжува, државата по основ на доспеани долгови во приватниот сектор ќе мора да врати скоро 53 милиони евра. Според најновите објавени податоци, заклучно со третиот квартал јавниот долг достигна скоро 4,7 милијарди евра или 50,6% од БДП.
Вчера дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов побара итна владина седница за усогласување на одлуката на Владата со која е утврден максималниот износ на ново задолжување преку државни хартии од вредност за годинава, со државниот буџет. Од министерството за финансии одговорија дека аукциите се во согласност со законот, а Наумов шири невистини за политички да поентира.