Изворите на токсичните честички во земјава се индустријата, согорувањето на фосилните горива, третманот на отпадот, рударството, металургија, сообраќајот, земјоделски активности...
Воздухот е екстремно загаден во скоро сите населени места, а со тешки метали се загадени големи делови од почвите и подземните води, кои потоа ја загадуваат и храната.
Професор Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје денеска ги презентираше овие резултати по долгогодишни истражувања.
Тој објасни дека во земјава се дефинирани 16 таканаречени жешки точки во однос на опасен отпад. Најопасна е депонијата со линдан во ОХИС, каде во Скопје на отворено се оставени 13 илјади тони токсичен пестицид, кој се разлетува во воздухот и ја загадува почвата и подземните води.
„Во Скопје линданот е присутен во екстремно високи концентрации, канцерогена супстанца којашто предизвикува рак и се уште не се преземени мерки за елиминирање на овој отпад“, вели професор Стафилов.
Во Македонија годишно се генерираат скоро 20 милиони тони индустриски отпад, од коишто една четвртина е опасен кој содржи токсични супстанци. Со оглед на големината на Македонија, ова количество е огромно, вели Стафилов.
„Уште пострашно е што тој отпад се депонира на отворени простори незаштитен и се пренесува во животната средина, вклучувајќи го и воздухот“, вели Стафилов.
Во Велес и околината, по Повардарието, до Скопје, се присутни вискои содржини на олово, цинк, кадмиум, антимон, сребро и индиум. Извор е топилницата во Велес.
„Загадувањето на воздухот го следевме и преку собирање на примероци од мед од цела држава и се покажа дека од десет примероци од велешко, во шест концентрацијата на кадмиум е над максимално дозволената. Пред две години зедовме 40 примероци од зеленчук од Велес и околината, во сите 40 концентрацијата на кадмиумот и олово беше над максимално дозволената според нашите правилници, во некои и над 20 пати. Тие зеленчуци се конзумираат и сега и не се забранети“, вели Стафилов.
Околината на Бучим и Радовиш се загадени со бакар од емисијата на рудникот „Бучим“; целиот тиквешки регион е загаден од никел од работата на фабриката „Фени“; во брегалничкиот слив од трите рудника за олово и цинк загадени се водите и воздухот во населените места на целото подрачје. Слична е состојбата во околината на Крива Паланка и во Пробиштип.
Пепелта од јагленот што се обработува во РЕК Битола и во РЕК Осломеј е оставена на отворено и се шири во воздухот во градот и околината. Тие честички, освен што содржат тешки метали, се со повисока радиоактивност.
Најважните загадувачки супстанци во воздухот се гасовите сулфур диоксид, азот моноксид и азот диоксид, јаглерод моноксид, озон, цврсти честички, различни испарливи органски соединенија, радиоактивен отпад, тешки метали и други токсични органски и неоргански хемиски соединенија.
Професор Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје го отвори прашањето како да се убедат оние што носат одлуки дека еколошките теми треба да бидат приоритет, со оглед на тоа оти има многу докази дека на пример само аерозагадувањето е причина за 4,3 милиони предвремени смртни случаи во светот на годишно ниво.
Во Европската унија околу 500 илјади смртни случаи годишно се поврзани со амбиентното аерозагадување, а економските штети од тоа се проценети меѓу 400 и 900 милијарди евра на годишно ниво.
„Нормите во Македонија кои ги надминуваме, се уште повеќе надминати ако ја земеме нормата на Светската здравствена организација којашто ја прави врз основа на ризикот на најранливите групи на население“, вели Ѓорѓев.
Тој посочува дека аерозагадувањето влијае врз сите органи на човекот и го зголемува бројот на болести. Според статистичките податоци, вели Ѓорѓев, меѓу населението доминираат инфарктот на срцето и мозочниот удар.
„Ако во светски рамки тоа е од 11 до 16 проценти како причина за вкупната смртност, во Макдонија овие две состојби се скоро дупло повќе причина за смртност“, вели тој.
Професор Ѓорѓев додава дека со оглед на ваквата ситуација, кој било политичар треба да каже дека јавното здравство ќе биде приоритет на владата.