За Лидија Давидовска е познато дека уште со својата прва поетска книга „Тенки патеки“ во 1986 ги навести белезите на својот особен поетски глас. Дека е поетеса кај која светот на доживеаното ферментира долго пред да се изрази како поетска сублимација. Од таму не е чудно што нејзината втора поетска книга, „Нон егзитус“ ќе биде публикувана во 2000 година, во мигот на прекршување на столетијата, а еве, цели 16 години подоцна, Давидовска го објавува и својот трет поетски ракопис - „Духовна архива“. Тој само потврдува дека поетесата „го споделува само она што созреало низ годините на соочување со силите на духот и на јазикот“.
„Меѓу првата и втората збирка како да се менуваше светогледот, ама не толку драстично и одговорите преку таа песна не можеше да ми се прикажат. Потоа од 2000 наваму ми се смени сосема светогледот, станав активен православен христијанин и тие песни собирани во таа духовна архива како да што е насловот на збирката требаше да се преработат. Иако се трудев многу да не менувам бидејќи тие се печат од едно време, пред прифаќањето на целиот систем на православието како мој копнеж на систем кој одговара на сите прашања“, вели Давидовска.
Во својата рецензија за збирката, писателот Иван Додовски забележува дека „ретки се книгите во современата македонска поезија што не одбиваат повторно и повторно да ги отвораат смртните прашања за Бог, за животот и за смислата“. Тој потенцира дека Лидија Давидовска во својата „Духовна архива“ ги наметнува токму таквите прашања. Но, дека „тоа го прави со извонреден очудувачки конфесионален јазик, сосема доследно избегнувајќи ја замката на истрошените поетски клишеа“. Вели дека таа знае со леснотија и алузивно да дијалогизира со туѓите поетски искуства и да приопшти нова вредност. Истакнува дека во нејзината поезија, исто така, се населуваат референции од социјалната и од политичката стварност, ненадејно изникнуваат иронични предупредувања и се појавуваат псевдофусноти за познати места и собитија. „Но сето тоа е една силна апофатичка опомена – да се оди подалеку, подлабоко и повисоко, отаде феноменалното, за да се открие ноуменалното, она вечно ахре на светот – непринудената љубов Божја, која ѝ дава смисла на плетката наречена човечки живот“.
А, Давидовска наместо со експликација на неговото писание одговара со стихови.
„КИСЕЛА ВОДА 1“
Расчекорени улици со црни триаголници во средина што баздат на урина.
Без некој ред. Ги има многу. Бесрамно. Неуредни се. Напластени. Неспастрени.
Се откриваат. Се прикажуваат кога возиш од Главната кон Рампа
Широка за издувни гасови и коли, претесна за луѓе.
Новите згради не сакаат да се покажат, а мораат. Луди се. Имаат недоречена свест.
Безумни влегле. Градба. Разградба. Надградба.
Тенки голи столбови. Безлично знаење. Измешан вкус.
Некој колективитет ги зграпчил како букет лажни рози.
Архитектонска пластика како отсуство на љубеност, љубезност и љубовност кон себе и кон другите.
Згора, вели дека е неминовно кога сакаш да направиш еден таков конкретен отслик во една метонимична и наративна песна, тогаш и не можеш да ги затвориш очите. Дека никој не може да го сврти погледот од „Фиком“. И што значеше „Фиком“ - измама итн.
Родена 1958 година во Скопје, Лидија Давидовска дипломирала на Филолошкиот факултет (група англиски јазик и книжевност) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во 1985 година на Универзитетот на Монтана, САД, го обранила магистерскиот труд од областа на американската книжевност („Во името на спекулацијата: некои аспекти од поезијата на В.С. Мервин“), а докторирала во 2013 на Катедрата за американски студии при Универзитетот на Источна Англија, во Нориџ, Велика Британија („Поетика на иманентност и искуство: Роберт Лоуел, Џејмс Рајт, Ричард Хуго и Џори Греам“).
Во периодот од 2006 до 2009 година работела како декан и предавач по група предмети од американистиката на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје, потем и како лектор по англиски јазик на Европскиот универзитет, држела и предавања по англиска и по американска книжевност на Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола, а сега е професор по англиска книжевност на Меѓународен Балкански универзитет во Скопје.
Досега ги објавила збирките поезија „Тенки патеки“ (1986) и „Нон егзитус“ (2000), како и книгата есеи „Во името на спекулацијата: аспекти од поезијата на В.С. Мервин“ (2002). Се занимава и со литературни преводи на поезија и проза од англиски јазик.
Инаку, прашана дали повторно ќе и бидат потребни деценија и половина за нејзината нова творечка пројава, Давидовска ќе рече дека „сакала да го дувне правот од оваа духовна архива и да си ги напише длабоките и тешки песни“.
„Сите мои онтолошки прашања во однос на битието православието ги одговара но тие секојдневно навираат и затоа сакав да ја затворам оваа архива и да почнам нова и за кус период да излезат тие долги и тешки песни“, вели таа.