СДСМ победи во Битола за прв пат по 14 години

Прослава на изборната победа на СДСМ во Битола

Опозицискиот СДСМ во Битола освои околу осум илјади гласови повеќе отколку пред две години, додека ВМРО-ДПМНЕ има две илјади гласови помалку. Со тоа, за прв пат по 14 години, СДСМ во Битола има повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ.

Околу 8.000 гласа во Битола освои СДСМ повеќе од оние што ги имаше на парламентарните избори во 2014 година. Оваа партија со коалиционите партнери во Битола покажаа подобри изборни резултати од ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ освои за 2.285 гласа повеќе од политичките противници. Според резултатите од Државната изборна комисија, за СДСМ во Битола гласаа 26.741 гласач или над 46 проценти, а ВМРО-ДПМНЕ со 23.868 гласа освои 41,11 проценти од гласовите.

За споредба, на парламентарните избори во 2014 година водеше ВМРО-ДПМНЕ со 26.153 гласа пред СДСМ кој имаше 18.841.

Со ова за првпат СДСМ успеа да извади подобар изборен резултат во градот на конзулите од ВМРО-ДПМНЕ по 14 години. Така во Битола, каде на митинзите и славењата на изборните победи се скандираше „Битола е вмровски град“, годинава голема беше бројката на битолчани кои викаа „Битола е слободен град“.

Социјалдемократите уште истата вечер по изборите излегоа да слават изјавувајќи дека во Битола е поразена власта.

„Власта е поразена во Битола и покрај сите неправилности и нерегуларности и покрај сите обиди да се корумпира избирачкиот процес, сепак во Битола резултатите се на страна на граѓаните и животот“, изјави Александар Кирацовски од СДСМ.

На ова возврати портпаролот на Комитетот на ВМРО-ДПМНЕ, Благој Шаклевски порачувајќи дека СДСМ нема причина за славење, освен тоа што успеала да присвои албански гласови од битолските села.

„Да порачаме дека СДСМ нема причина за славење зашто на овие парламентарни избори губи, освен ако не се смета за причина за славење тоа што со своите политики и тези, играјќи на етничката карта, СДСМ присвои дел од албанските гласови во битолските села“, рече Шаклевски.

На годинашните избори и на ниво на петтата изборна единица разликата е многу мала. За околу 1320 гласа ВМРО-ДПМНЕ предничи пред СДСМ. Во оваа изборна единица двете партии со коалиционите партнери освоија подеднакво по девет пратеници.

Гласачите од нив очекуваат да создадат услови за подобар живот и повеќе вработувања.

„Да има повеќе вработувања и поголема искреност.“

„Да ми ја покачат пензијата и за младите да се создадат услови да се развиваат и работат“, велат битолчани.