До 13 часот гласале 34, 83 отсто од регистрирани гласачи, соопшти претседателот на ДИК, Александар Чичаковски на прес-конференција. Најголема излезност има во четвртата изборна единица, а најмала во шестата.
„Генерална оценка е дека нема сознанија за нарушување на изборен процес, гласањето се одвива во мирна и фер атмосфера, без неправилности“, рече Чичаковски.
Од ДИК велат дека до нив стигнале околу 20 приговори од граѓани и сите се однесуваат на тоа дека не можеле да се најдат во избирачкиот список. Дел од нив биле разгледано и Комисијата утврдила дека граѓаните биле во категоријата со спорни записи, но не поднеле пријави до ДИК, иако како што велат од Комисијата, за тоа биле известени ина домашна адреса, а се водеше и медиумска кампања,
Излезноста во 10 часот од денешните избори изнесуваше 9,49 проценти.
МВР реагира на неправилностите
Министерството за внатрешни работи на прес конференција ги изнесе забележаните нерегуларности на изборниот ден. Полицијата на терен забележала поткуп, агитирање, пишување на графити со партиски пораки, забележале и човек кој лажно се претставувал како набљудувач и не дозволувал гласачи да гласаат, а поради фотографирање на ливче на едно место гласањето е привремено прекинато, а човекот приведен.
Првиот човек на Бирото за безбедност Митко Чавков рече полицијата се грижи за безбедносниот аспект на изборниот процес.
„Главната цел беше да се обезбеди стабилна безбедност за изборниот процес и за превенирање на нерегуларностите. Имаме стабилна јавна безбедност и овие случаи се изолирани. Полицијата ќе реагира на дополнителни нерегуларности“, рече Чавков.
МОСТ- неовластени лица евидентираат гласачи
Граѓанската асоцијација МОСТ нотира дека се забележани неовластени лица на некои гласачки места кои се обиделе да евидентираат гласачи или пак агитирале за кого да се гласа. Директорот на МОСТ Дарко Алексов на прес конференцијата рече дека набљудувачите не МОСТ забележале и како гласачи јавно гласале и ги покажувале своите гласачки ливичиња.
„Случаи на фотографирање на гласачките ливчиња се забележани во општина Ѓорче Петров каде не реагирал избирачкиот одбор и во општина Ресен, каде што имало реакција од избирачкиот одбор и бил направен записник. Фотографирање на гласачкото ливче е забележано и во општина Конче, по што избирачкиот одбор го предупредил гласачот дека тоа е незаконски“, рече Алексов.
Тој вели дека се забележани и неправилности во случаи кога гласале лица кои не можат да гласаат сами.
На бесплатната телфонска линија 080 080 080 и на neregulranosti.most.org.mk 15 граѓани пријавија дека не може да се пронајдат во избирачкиот список, соопшти Алексов.
Цивил - не постои изборен молк
Од невладината Цивил соопштија дека регистрирале над 140 случаи на нерегуларности и сериозни прекршоци.
„Ние во овој момент како организација која ги набљудува изборите, можеме да кажеме дека изборниот молк во моментот не постои, буквално насекаде гласачи не можат да се најдат на избирачкиот список, над 1.000 граѓани не успеаа да го остварат своето право на глас. Дури и еден лидер на политичка партија ни се јави да го окарактеризира изборниот процес како проблематичен, секој втор член од неговото семејство го немало на списоците“, изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ на прес конференција.
Дерала вели дека се регистрирани притисоци, семејно и групно гласање, организирано гласање, поткуп на гласачите, дојави од граѓаните, агитација, сериозни попречување на набљудувањето и гласањето. регистрирани се и фотографирања на ливчињата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5