Кокаланов – Ние (не)сме лудаци

Насловната страна на романот „Ние сме лудаци“ на новинарот Сашо Кокаланов.

„Ние сме лудаци“ е насловен четвртиот роман на новинарот, колумнист, драматург и романсиер Сашо Кокаланов чија промоција е планирано да се одржи оваа среда, на 7 декември, во 20 часот, во скопскиот МКЦ - Клуб ресторан. Оваа политичко-сатирична објава се појави во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ и во ова валкано предизборие, како што ќе биде забележано, „е носител на листата на книжевната партија на слободоумните и талентираните“.

„Ние сме лудаци“ е исконструиран и нестварен роман речиси колку животот. Ако отсекогаш сте мислеле дека никој и ништо не може да создаде понеобични и почудни нешта отколку што тоа го може самиот живот, еве текст-кандидат за натпревар. Натпревар на стварноста со пост-стварноста, на вистината со пост-вистината,.. натпревар на возови со шини, на спонтаност со режија, на политика со книжевност, на сатира со еротика, на хумор со безнадеж...“

Ова, меѓу другото, во својата рецензија за „Ние сме лудаци“ на Сашо Кокаланов ќе го забележи писателката Оливера Ќорвезироска.

Новинарот Ѕвездан Георгиевски, пак, во своето писание вели дека во случајов станува збор за „повеќеслојна фарса која се чита со горчлив вкус во устата и болка во стомакот, затоа што, и покрај несомнената духовитост, во еден момент сфаќате дека и најголемите апсурди поставени тука се всушност само дијагноза на македонската општествена патологија“. Тој дополнува дека романот го открива мултиталентот на Кокаланов, кој во оваа постмодерна негативна варијанта на „Алиса во земјата на чудата“ не се претставува само како врвен прозаист, туку како беспрекорен драмски писател, па дури и поет.

„Книгата „Ние сме лудаци“ ја напишав со длабоко уверување дека ние не сме лудаци затоа што се бавам со тип на лудило кое завршува во истиот миг, или во следниот миг, откако ќе ја изговорите свесно реченицата – „Ние сме лудаци“, вели Кокаланов.

Тој истакнува дека оние што поревносно ја следат литературата отколку политиката знаат дека „Ние сме лудаци“, или „We Are All Mad Here“, е еден од најпознатите цитати од книгата „Алиса во земјата на чудата“. Дополнува дека повеќето за жал, за светот на ваквото лудило кај нас разбраат од признанието на еден поранешен министер за финансии. Но, како што вели, всушност станува збор за сосема истата работа. Во „Алиса во земјата на чудата“ малите нешта изгледаат преголеми, страшни, недостижни, а големите – мали и на дофат на раката.

„Што се случува со ликовите на романот „Ние сме лудаци“? Сосема истото во суштина. Малите пречки во животот ги претставуваат како непремостливи, а истовремено мислат дека со помош на квантната физика ќе го променат светот, на пример. Што се случува со нас македонците денес? Повторно сосема истото. Мислиме дека менувањето на злото, на пример, е недостижно, е некаков баук, а некои реално големи проблеми ги маргинализираме. Всушност е сосема обратна ситуацијата. Ако едно утро доволен број луѓе се разбудат со мислата дека ние сме лудаци ако дозволиме ова да продолжи вака, тогаш навидум несовладливата пречка ќе ја снема додека тропнеме со прстите.“

Роден 1978 година во Скопје, Сашо Кокаланов е новинар, драматург и романсиер. Пишува сатира и колумни за повеќе медиуми. Автор е на три романи „Самецот“ (2003), „Ноќ на железничката станица во Розендал“ (2004) и „Изабела, Исмаела и јас“ (2004).

Во 2011 година неговата пиеса „Крвта не е вода“ е поставена во Драмскиот театар во Скопје, во режија на Сашо Миленковски. Претставата досега доживеа повеќе од триесет репризи, гостуваше во повеќе театри во земјава, а беше селектирана и за официјалната програма на културната манифестација „Скопско лето“.

Во меѓувреме, Кокаланов ги потпиша и пиесите „Чад“, „Му велам јас на Барико“ и „Денот кога умрев и се вратив“. За „Чад“ ја доби третата награда на конкурсот „Коле Чашуле“ на Македонскиот народен театар.

Во контекст на ова, прашан дали политичко сатиричниот роман „Ние сме лудаци“ е возможно во блиска иднина да осамне на некоја од театарските сцени, авторот истакнува дека дел од книгата се и три помали драмски текстови и дека сето е пишувано низ еден жив дијалог на ликовите што подразбира дека лесно може да биде адаптиран за една таква изведба. Сепак Кокаланов не верува дека тоа може брзо да се случи и сигурно не на сцените во некој од националните театри. Вели дека веројатно насловот ќе ги уплаши оние коишто одлучуваат за репертоарот во нив.

„Јас овој текст попрво го гледам на сцените на некои алтернативни или аматерски театри отколку на националните установи. Но, кога луѓето би го прочитале романот би виделе дека всушност се бави и со нашите реални ситуации, меѓутоа се бави и со универзалното лудило на денешнината. Така што, јас очекувам дека романот ќе допре до широка и различна публика и дека ќе го доживуваат како тоа што е – како роман а не како дневни и политички колумни затоа што голем дел од луѓето така и ме препознаваат. Како автор на такви четива, но „Ние сме лудаци“ е сепак нешто поразлично“, вели Кокаланов.