Грција доби одредени краткорочни олеснувања од европските кредитори иако не успеа да ја мине последната пречка во својата програма за помош со која се спречува да не влезе во банкрот и да излезе од еврозоната.
На состанокот на министрите за финансии на 19 земји на еврозоната во Брисел, грчките кредитори понудија одредена помош на задолжената Грција.
Мерките се однесуваат на техничкото подобрување на каматните стапки и доспевањето на одредени долгови.
По состанокот шефот на Европскиот механизам за стабилност Клаус Реглинг изјави:
„Значи, со мандатот што ЕСМ го доби претходно оваа година, ставивме заедно предлози кои веруваме дека се реални. И мислам дека заедно тие се важен чекор за подобрување на одржливоста на грчкиот долг“, вели тој.
Грчкиот министер за финансии Еуклид Цакалотос новите мерки ги оцени како ветувачки. Сепак тој, наведувајќи дека Грција направила огромен број реформи упати и предупредување до кредиторите:
„Со оглед на тоа, многу е важно за сите страни, вклучително и за ММФ да не се загрози овој напредок, со зголемена несигурност“, рече тој.
Според него, не треба да има барања за Грција кои ќе ја немаат предвид актуелната политичка и социјална состојба во земјата.
Грчкиот јавен долг изнесува околу 180 насто од Бруто домашниот производ, иако од 2010 година Грција доби три пакети кредитна помош од Европската унија и ММФ.
Долгот е многу повисок отколку во некоја друга земја на еврозоната и на ниво што ММФ и грчката влада го сметаат за неодржлив.
На Грција ќе и требаат децении економски раст за да го намали долгот на одржливо ниво од околу 100 насто од БДП.
Грчката влада се надева дека ќе добие дополнителна помош од кредиторите.
Шефот на еврозоната Јарун Дијселблум повтори дека стратегијата на еврозоната е да не и се дава долгорочна помош на Грција пред средината на 2018 година кога треба да истече сегашната програма за помош.
Според условите на оваа програма, на Грција во наредните три години и следуваат 86 милијарди евра кредит.
За возврат грчката влада вети низа економски реформи и буџетски резови.
Меѓународниот монетарен фонд се очекува да им придружи на владите од еврозоната во новата поддршка за Атина, но најпрвин сака дополнителни мерки за спроведување на реформите во земјата.