„Зошто?“ победник на седмиот „Мобил фестивал“

Сцена од едноминутниот филм „Зошто? на Мурат Жерка, добитник на наградата за најдобар филм на седмото издание на интернационалниот „Мобил фестивал“

Едноминутниот „Зошто? на Мурат Жерка, филмот што во својот фокус го има проблемот со загадувањето, е добитник на наградата за најдобар филм „Ратка Илиевска- Лале“ на седмото издание на интернационалниот „Мобил фестивал“, кое во организација КТ Филм и Медиа, во деновите на изминатиот викенд, се одржа во Кинотеката на Македонија.

ЗОШТО? е прашањето кое го поставува овој филм, а кој со својата социјална ангажираност успешно му нуди одговор на гледачот. Филмот одлично го поставува проблемот со загадувањето, денес особено актуелен, а и нуди успешен приказ на невиноста на децата и наближувањето на опасноста која се наѕира во мечето што носи гас-маска.

Ова ќе го забележи жирито во образложението едноминутниот „Зошто? (Why? ), во режија на Мурат Жерка, да биде прогласен за најдобар филм и да стане добитник на наградата „Ратка Илиевска- Лале“ на седмото издание на штотуку завршениот интернационален фестивал на филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал“, манифестацијата која своето битисање на културната сцена го започна со идеја за демократизација на овој медиум.

„Ова е еден проблем што навистина е актуелен кај нас и мислам дека тоа беше најдобрата идеја зад која што застанавме ние како една поголема екипа на млади, но освестени луѓе кои не се мират со таквата реалност. Преку неа сакавме да им кажеме на сите со какви проблеми се соочуваме ние кои живееме во оваа држава. Тоа е таа порака која е директно врзана со проблемите од загадувањето кои ги имаме во Тетово, Скопје, Битола и во другите градови од Македонија. И не само сега, во овие неколку месеци, туку воопшто во текот на целата година“, вели Жерка.

Деветнаесетгодишниот студент по режија на Тетовскиот универзитет за себе знае да каже дека ова нему не му е прво авторско остварување, туку дека досега потпишал уште два кратки филма со кои учествувал на фестивалите во Швајцарија, Бразил, САД и во Хрватска.

Мурат Жерка и Анастасија Стејси Точевска, наградени на интернационален фестивал на филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал“.

Така на неодамнешниот Интернационалниот фестивал за краток филм во Цирих, со делото „I Did It“, патем видео сторија за седумгодишниот Беса кој на медиумска атака од вести од воените жаришта одговара со порака за мирно детство, Жерка влегол во официјалната селекција и ја освоил втората награда. Сепак, наспроти таквиот след на настаните и убавиот прием на неговите досегашни кратки остварувања, тој е длабоко свесен дека пред него е период во кој треба да вложи уште многу напори, да им се посвети на студиите и да стреми да работи на себе. Разбирливо ќе продолжи и натаму со кратките форми, но како и секој амбициозен автор во иднина си пожелува посериозен исчекор во седмата уметност.

Впрочем во таквите негови настојби од голема помош може да му биде и од стипендијата што како награда му ја додели Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА од Скопје.

Од друга страна наградата за најдобар филм во домашната програма „Млади Таленти“ му припадна на „Рекурзија“ во режија на Анастасија Стејси Точевска. За него ќе биде запишано дека е „интензивно мистично-филозофско обмислување на себепостоењето на човекот“. Во „Рекурзија“ работен во облик на прашање и одговор, младиот човек изгубен среде шумата го добива „знаењето“ за себе, за своето постоење, а жирито во кое биле Ванчо Мираковски, монтажер, Дамјана Ивановска, филмолог од Кинотеката на Македонија и новинарката Сребра Ѓорѓијевска, констатира дека „авторката успешно ја изведува приказната во мистичен сетинг и на гледачот му го подарува знаењето што го добиваат само избраните луѓе“.

А, кога сме веќе кај признанијата на „Мобил фестивал 2016“ да кажеме и тоа дека наградата за најинвентивен филм му припадна на „Сонар“ ( „Sonar“) ( еден „мрачен, инвентивен и оригинален филм“ ) потпишан од група уметници од Филмската академија Баден-Виртемберг во Лудвигсбург, Германија.

Инаку, наградата за најоригинална приказна и припадна на режисерката Блерина Гоце од Албанија за „Еден, Два, Монолози“ („One, Two, Monologues“ ), документарецот во кој авторката ја претставува бедата во која живеат цели маргинализирани семејства во Тирана, а добитник на наградата за најдобра идеја е Штепан Етрих од Чешка, автор на комедијата „Меурчињата не лажат“ („Bubbles don’t Lie“), за која стои дека „со добрата идеја и успешното темпо за претставување на комичните елементи нема да го остави гледачот рамнодушен“.

Конечно, во рамките на седмото издание Фестивалот беа одржани и две работилници за стоп-анимација, едната за деца во соработка со фестивалот „Синедејс“, а другата во соработка со СУ „Јосип Броз Тито“, а во Кинотека на Македонија беа прикажани и два детски филма од германска и холандска продукција.