Економската миграција на младите семејства од Куманово, социјалната положба, нискиот животен стандард, невработеноста, но и тешкотии при вработување на идни мајки се главните причини за намалување на наталитетот, а со тоа и бројот на основците и средношколците.
Статистичките податоци од Секторот за образование покажуваат дека во тековната 2016/2017 учебна година биле запишани околу илјада и 500 основци, од кои помалку од илјада во урбаните училишта. Во однос на 2008/2009 година, тоа е помалку за околу осум отсто. Поради тоа и бројот на учениците во паралелките е помал од 25 ученици.
И додека локалните советници од владеачката коалиција меѓу другото вината ја адресираат на лошата политика на централната власт, опозициските сметаат дека ниту состојбата е толку алармантна, ниту пак Владата е виновна.
Максим Димитиревски од СДСМ вели дека ова е еден од најсериозните проблеми во државава, со тоа и во Куманово.
„Намалување на бројот на децата во паралелките во основните и во средните училишта се должи на иселувањето на семејствата во последните 11 години. Доколку овој тренд на иселување не се запре, како резултат на погрешните политики на централната власт, тогаш ќе имаме држава без народ“, вели Димитриевски.
Тој додава дека сега полесно може да се запише дете на факултет отколку во градинка, зашто во Куманово на листа на чекање за згрижување се околу 300 деца, поради мал капацитет на градинките.
Валентина Јовановска од ВМРО-ДПМНЕ од своето безмалку тридецениско искуство во образование смета дека се зголемува бројот на основци и средношколци. Таа како причина за намалувањето ги посочува и општествено-политичките превирања во 90-те години од минатиот век.
„Имаше воена состојба и тоа е резултат на мал број принови во фамилии, а сега бројот на учениците драстично се зголемува“, вели таа.
Со намалување на бројот на ученици се соочуваат и училиштата на албански јазик, вели Скендер Алиу советник во општинскиот Совет.
„Економската криза, политичкиот момент, социјалниот живот во Македонија, многу млади семејства заминуваат да работат и да живеат во странство“, вели тој.
Според Алиу, и жените Албанки се на повисоко ниво на еманципација. Стремеж за подобри животни услови на семејствата исто така влијаат на намалување на наталитетот.
Некои од советниците сметаат дека раселувања и иселувања на млади семејства од една во друга држава во потрага по подобар живот не е случај само со Македонија, туку и во светот, така што иако проблемот не е за занемарување, не е ниту толку алармантен.