Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган остро го критикуваше Европскиот парламент за предлогот ЕУ да воведе санкции против Турција за апсењата во таа земја во рамките на борба против тероризмот, по неуспешниот државен удар во јули.
Претседателот Ердоган најави дека во земјата може да се одржи референдум во наредната година за тоа дали да ги продолжи напорите за членство во ЕУ.
Егемен Багиш, поранешен министер за европски прашања на Турција, изјави дека не е фер ЕУ да ја критикува Турција за мерките на безбедност.
„Значи, станува збор за голем напор за да се заштитат нашата демократија, човековите права и нашата држава. Европската унија, наместо да и помогне на Турција, потенцијална членка, избра да ја критикува за чекорите што се преземени за заштита на стабилноста на оваа земја, а тоа не е фер“, рече тој.
Аналитичарите велат дека незаинтересираноста на ЕУ за Турција е и поради зголемувањето на антимуслиманското расположение, како и поради нејзината неволност да се справи со бегалците во земјата.
На такво мислење е Неил Алкан, експерт за меѓународни односи.
„Турција тешко може да биде прифатена како членка на ЕУ поради постоење исламофобија во Европа. ЕУ се обидува да избегне да биде сосед со Иран, Ирак и Сирија, земји кои се граничат со Турција. Дополнително три милиони сириски бегалци во Турција, исто така, ќе станат товар за ЕУ, доколку ЕУ го прифати членството на Турција“, вели тој.
Некои експерти, пак, сметаат дека напнатоста меѓу двете страни веројатно би можела да се промени во следната година, кога во рамките на ЕУ ќе бидат избрани нови политички лидери. Хусеин Багчи, експерт за меѓународни односи вели:
„Како ќе продолжи овој процес, ќе видиме. Во идната година во Европа ќе има неколку избори, во Германија, во Франција и во некои други земји. Каков тип на политичко лидерство ќе дојде и како тоа раководство ќе ги продолжи односите со Турција на билатерално, но исто така и на институционално ниво, останува да се види“, вели тој.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во средата изјави дека гласањето во Европскиот парламент за евентуален прекин на пристапните преговори меѓу ЕУ и Анкара ништо не и значи на неговата земја и повторно ја обвини Европа дека стои зад терористичките организации.
„Иако гласањето не е обврзувачко, не постои начин јас да ја толерирам пораката дадена со ова гласање. Фактот дека Европскиот парламент се реши на одржување на вакво гласање покажува дека тие се на страната на терористичките групи“, рече тој.