Достапни линкови

Уапсени курдски лидери и пратеници во Турција


Во Турција уапсени лидерите на курдската партија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:23 0:00

Во Турција упасени лидерите на курдската партија

Турската полиција ги уапсила двајцата лидери на главната курдска Народна партија, како и десетина пратеници од оваа партија. Неколку часа потоа имало експлозија, најверојатно на автомобил бомба до една полициска станица во Дијарбакир, центарот на курдската заедница во Турција при што имало жртви.

Лидерот на партијата Селахатин Демитраш бил уапсен во неговиот дом во југоисточниот град Дијарбакир, додека копретседателот Фиген Јукшегдач бил задржан во Анкара.

Тоа, како што се наведува, било бидејќи тие не сакале да сведочат за кривични дела поврзани со „терористичка пропаганда“.

Двајцата и порано беа обвинувани за неколку дела, но никогаш не биле приведувани.

Турското Министерство за внатрешни работи соопшти дека била издадена наредба и за притвор на 13 пратеници, но оти биле уапсени единаесет од нив, со оглед на тоа што двајца пратеници биле надвор од земјата.

Селахатин Демитраш
Селахатин Демитраш

Полицијата спроведе рација и го пребара седиштето на партијата во центарот на Анкара.

Беа прикажани телевизиски снимки на кои партиски функционери се расправаат со полицијата за време на упадот, а очевидци за новинската агенција Ројтерс изјави дека имало големо присуство на полициски вооружени возила кои ги ги затвориле приодите кон улицата до седиштето на Народната партија.

Група демонстранти, извикувајќи слогани, се обиделе да стигнат до канцелариите на партијата, но биле запрени од полицијата.

„Ја повикуваме меѓународната заедница да реагира против државниот удар од страна на режимот на Ердоган“, се наведува во Твитер пораката на оваа партија.

Веднаш потоа во Турција, како што јавуваат медиумите, биле блокирани пристапите до социјалните мрежи Фејсбук, Твитер, како и апликацијата за пораки Вотсап.

Пристапот бил блокиран со таканаречено придушување, изјави експерт од мониторниг групата Турки Блокс.

Станува збор за забавување на одредена веб-страница до точка каде што таа е неупотреблива.

Народната партија е трета по големина во земјата и има 59 пратеници во парламентот кој брои 550 места.

Пратениците во Турција вообичаено имаат имунитет од кривично гонење, но имунитетот на прокурдската партија беше укинат почетокот од оваа година.

Турските власти ја обвинуваат оваа партија за врски со милитантната Курдистанска Работничка партија, која е на американската и на европската листа на терористички организации.

Оваа група веќе три децении се бори против турските власти барајќи поголема автономија за Курдите во југоисточниот дел на земјата.

Рациите продолжуваат во Турција која и натаму е во вонредна состојба по неуспешниот државен удар на 15 јули.

Според посматрачите, пучот бил добар повод за власта да се справи со нејзините опоненети.

Тринаесет лица од опозицискиот весник Џумхуриет, вклучувајќи го и одговорниот уредник, беа уапсени во понеделникот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG