Десетмина поранешни и сегашни вработени во УБК се осомничени дека, злоупотребувајќи ја опремата на Управата, незаконски прислушувале најмалку 5.800 телефонски броеви, рече обвинителката Фатиме Фетаи, објавувајќи ја новата истрага на СЈО наречена Таргет. Вработените во УБК, кои се осомничени за злоупотреба на службената должност и овластување, биле од највисока позиција до најниските ешалони. Фетаи рече дека е утврдено дека над 4.200 телефонски броеви биле прислушувани без судски налог, а над 1.500 телефонски броеви биле прислушувани надвор од временскиот период за кој бил издаден судскиот налог. Имајќи ги предид телефонските броеви со кои нелегално прислушуваните комуницирале, се доаѓа до над 20 илјади нелегално прислушувани, рекоа во обвинителството.
Фетаи рече дека основно прашања е кој, на кој начин и со какви мотиви вршел незаконито прислушување во Македонија. Имаме докази за тоа кој и како прислушувал, а сега ги истражуваме мотивите, рече таа.
Прислушувањето, рече обвинителката Фетаи, било вршено со три различни системи за прислушување – еден во 2008, вториот од крајот на 2008 до почетокот на 2015 и третиот во 2015 година. Првите два системи се уништени и тоа ја одолговлечило истрагата. Имаме не само вербални, туку и материјални докази, рече таа.
Фетаи рече дека постои основано сомнение дека првоосомничениот, кој бил на раководна позиција во УБК, ги слушал разговорите и без судски налог давал наредби за додавање на телефонски броеви кои биле во блиски лични односи со него, меѓу кои имало и политичари.
Второосомничениот раководител на оддел во УБК, исто така спротивно на закон давал наредби кои броеви да се следат, сам ставал броеви за следење и ги слушал разговорите кои се снимани без судски наредби. Во компјутерот одземен од неговата канцеларија биле пронајдени докази за нелегално прислушување.
Третоосомничената, исто така раководителка во УБК, ги проследувала наредбите од првите двајца, двајца од останатите се сомничат дека незаконски ги внесувале броевите во системот, а останатите се сомничат дека правеле транскрипти од разговорите за потребите на првите двајца осомничени.
СЈО нема да бара притвор за осомничените.
Вработен во УБК го забележал ова, земал дел од транскриптите и од аудио записите од нелегално прислушуваните разговори, по што му ги дал на друг човек, за преку трет човек да стигнат до лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Овие докази ќе влијаат и на случајот Пуч, зашто е утврдено дека обвинетите биле прислушување надвор од периодот утврден во судскиот налог.
Немаме докази за странски служби и жолти комбиња, рече портпаролката на СЈО, обвинителката Ленче Ристоска, одговарајќи на новинарски прашање.
Специјалната обвинителка Катица Јанева на почетокот на денешната прес-конференција рече дека биле уништени темелните вредности на уставниот поредок. Ниту е почитувана приватноста, ниту тајноста на комуникациите, рече таа.