Само партискиот лидер Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, од оние кои беа досега осомничени од СЈО се најдоа на кандидатските листи на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за претстојните избори. На листите ги нема имињата на поранешните министри за транспорт и врски и за внатрешни работи, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, кои на претходните избори беа носители на листа. Од членовите на владата, само уште премиерот Емил Димитриев и министрите Никола Попоски и Никола Тодоров се на кандидатските листи. Освен неколкуте изненадувања, на кандидатските листи е речиси целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ денеска на конвенција во Скопје ги промовираше кандидатите за пратеници за претстојните парламентарни избори. Партискиот лидер Никола Груевски рече дека имаат најобемна програма досега во која има прецизни рокови на реализација на новите проекти.
„Мора сите заедно да стигнеме до посакуваната бројка од 63 пратеници, затоа што веќе на секого му е јасно што сакаат да прават со оваа држава, и во кој правец ќе се движат нештата ако немаме 63 места во Парламентот“, рече Груевски.
Канческа Милевска е на второ место во првата изборна единица, веднаш зад носителот, министерот за надворешни работи Никола Попоски. На третото место е првиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник од првиот состав на собранието во независна Македонија, Борис Змејковски. На наредните три позиции се актуелните пратеници Драган Данев, Даниела Рангелова и Љупчо Димовски од Социјалистичката партија. На седмата позиција е актерот Крсто Јовановски, кој настапуваше како водител на протестите што ги организираше провладиното ГДОМ. На осмата, деветтата и десеттата позиција се актуелните пратеници Чедомир Саздовски од ГРОМ, Светлана Јакимовска и Јасминка Дамчевска, а по неа е претседателот на партискиот подмладок Владимир Нелоски.
Тие овде ќе се соочат со коалицијата на СДСМ предводена од Стево Пендаровски. Коалицијата за промени и правда ја предводи лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, носител на листата на коалицијата ВМРО за Македонија е Ден Дончев, ДУИ на чело со Артан Груби, ДПА со Идриз Орана, на чело на листата на Левица во оваа изборна единица е Димитар Апасиев, а на чело на листата на Либералната партија е партискиот лидер Ивон Величковски.
На осмото место на листата на ВМРО-ДПМНЕ во втората изборна единица е единствениот хашки осуденик од Македонија, Јохан Тарчуловски. Носител во оваа изборна единица е министерот за здравство Никола Тодоров, а зад него е претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски. Ново име на листата е третата на листата Жаклина Пешевска, по која следуваат коалиционите партнери Иван Стоиљковиќ, Амди Бајрам и Владанка Авировиќ, кои и досега беа пратеници. На седмата и на деветтата позиција се актуелните пратеници Зоран Ѓорѓиевски и Весна Дамчевска.
Тие овде ќе се борат против листата на СДСМ предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ДУИ на чело со Ејуп Халими и ДПА со Орхан Ибраими. Листата на Коалицијата за промени и правда во втората изборна единица ја предводи лидерот на ФРОДЕМ Јове Кекеновски, а таа на ВМРО за Македонија, Љупчо Балковски од ВМРО-НП.
Листата на ВМРО-ДПМНЕ во третата изборна единица ја предводи пратеникот Илија Димовски, а по него е премиерот Емил Димитриев. По нив се актуелните пратеници Слаѓана Митовска, Трајчо Димков, Стојан Миланов од Социјалистичка партија и Магдалена Манаскова. Ново име на седмата позиција е Зеќир Рамчиловиќ и Емилија Александрова на десеттата позиција. Останатите позиции од осмата до 13 се за актуелните пратеници Никола Мицевски, Благица Лесовска, Иван Иванов, Ѓорѓи Коџобашиев и Милка Христова.
СДСМ во оваа изборна единица излезе со листа предводена од дополнителниот заменик министер за земјоделство Љупчо Николовски, а Коалицијата ВМРО за Македонија со лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов.
Лидерска битка во четвртата изборна единица
Листата на владејачката партија во четвртата изборна единица ја предводи партискиот лидер Никола Груевски, по кого е новиот предлог за пратеник Ванковер Манчев. Трета е пратеничката Ане Лешкоска, по која следува Панчо Минов од Гром, па актуелните пратеници Весна Пемова, Васил Пишев, Нада Ципушева, Димитар Стевананџија и Драган Цуклев. Ново име на десеттата позиција е Павлинче Честојнова, а по неа се актуелните пратеници Ѓоко Камчев и Дејанчо Ефтимов.
Листата на СДСМ во четворката, во која спаѓа и неговата родна Струмица, ја предводи партискиот лидер Зоран Заев. На чело на листата на коалицијата ВМРО за Македонија е поранешниот премиер и лидер на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски. Коалицијата за промени и правда во оваа изборна единица настапува со поранешниот разузнавач Слободан Богоевски како носител.
Груевски денеска рече дека се кандидира во оваа изборна единица за да се соочи со Заев директно.
„После сè што се случи, потребно е да му се даде можност на народот да одлучи за премиер меѓу мене и него и на целата територија во Македонија, но и во четвртата изборна единица, каде лично и двајцата како индивидуи ќе ја побараме поддршката на граѓаните. Време е, заедно со народот, да го соочам со реалноста и да го победам, поточно заедно со народот да го победиме и да претрпи директен пораз во изборна единица која тој ја избра и во градот каде е градоначалник, да види на свој терен, во својата околина што мисли народот за сите негови лаги кои ги искажа за мене, а не да ми пушта во изборната единица 1 луѓе кои ги мести да изгубат за да не му бидат конкуренција после изборите во трката за избор на претседател на СДСМ“, рече Груевски.
Петтата изборна единица кај ВМРО-ДПМНЕ ја предводи пратеникот Антонио Милошоски, а по него се неговите колеги Зоран Илиоски и Лилјана Затуроска. Нов предлог е Љубен Арнаудов, по кого се актуелните пратеници Благоја Деспотоски, Нола Исмајлоска Старова, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Лилјана Кузмановска, Соња Талевска и Момчило Аврамовски.
Овде тие ќе се соочат со заменик претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска, како носител на листата на опозициската коалиција. ДУИ настапува со Агим Шаќири, а ДПА со Адриан Хусеини. Носител на листата на коалицијата ВМРО за Македонија во оваа изборна единица е лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски, а Левица настапува со Здравко Савески.
Лидерска битка во албанскиот блок во шестата изборна единица
Шестата изборна единица кај владејачката колаиција ја предводи Владимир Ѓорчев. По него се новите имиња Јусуф Хасани, Дафина Јованоска-Стојаноска, Горан Манојлоски и на петтата позиција е пратеникот Фатмир Имероски.
Листата на СДСМ во шестката ја предводи партискиот портпарол Петре Шилегов, додека листите на ДУИ и ДПА се предводени од партиските лидери Али Ахмети и Мендух Тачи.
Носител на листата на владејачката партија во седмата изборна единица во дијаспората е Рамазан Мифтароски.
Заев – Листите на ВМРО-ДПМНЕ, огледало на криминалот
Претседателот на СДСМ Зоран Заев реагира дека носителите на листи на ВМРО-ДПМНЕ се, како што вели, огледало на криминалот, корупцијата, насилството, несовесноста и беззаконието. Тоа се луѓе, како што наведува Заев, кои украле над пет милијарди евра пари од граѓаните и кои принудиле над 600 илјади граѓани да ја напуштат државата.
„Овие луѓе, кои принудија над 626.312 луѓе, меѓу нив и ваши деца, да заминат во странство, а вас ве оставија во солзи, немаат намера да ни ги вратат младите во Македонија, туку имаат само еден сон, да владеат. Овие исти луѓе кои 10 години ви ги кршеа соништата не смеат повеќе да владеат. Да ги запреме. Да не ни ги уништуваат домовите и децата. На 11 декември да избереме живот, живот за сите нас во Република Македонија“, наведува Заев во пишаната изјава.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговори дека Заев е исплашен откако сфати дека не само што СДСМ ќе биде жестоко поразен на избори, туку и тој ќе мора да сноси и директна лична одговорност за сè што ѝ направи на Република Македонија. Нема веќе криење за Заев од директно соочување со Никола Груевски, се вели во реакцијата.
„Доаѓа денот кога граѓаните ќе си дојдат по своето и ќе им кажат не на деструктивните и антимакедонски политики на аболицираниот криминалец Зоран Заев и СДСМ“, вели ВМРО-ДПМНЕ во пишаната реакција.