Господине Трајанов, со кого ќе коалицирате после изборите и дали дефинитивно ги отпишувате ВМРО-ДПМНЕ?
Апсолутно. Нашата главна определба и цел е да се демонтира овој режим во државата. Да се создадат услови да се стабилизира Република Македонија, да започнат демократски процеси, да се осамостојат институциите, да има реформи во судскиот систем, да имаме можност слободно да се движиме напред и што е најважно блокираните евроатлански интеграциски процеси да се деблокираат и да почнеме разговори. Се разбира ни треба многу време, многу време изгубивме, затоа што веќе и во високите кругови во ЕУ, но и во НАТО се погласно зборуваат – Вие изгубивте чекор, пред сè немате демократски капацитет како држава и ги немате истите демократски вредности коишто се битни за интеграција во овие сојузи, ЕУ и НАТО.
Како поранешен министер за внатрешни работи знаете како функционира прислушувањето. СЈО успеа да ги земе сите податоци од УБК, но дали со нив ќе може да се докаже кој прислушувал?
Еве јас сум сведок, можам да разговарам отворено секаде каде што ќе ме повикаат, дека прислушувањето е вршено со одлука, наредба на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ инсталирани во Министерството за внатрешни работи. Дека системите на Министерството за внатрешни работи се злоупотребени, дека корисници на тие информации се државно-политичкиот врв, а најмногу претседателот на владата, тоа е сосема евидентно, за тоа има многу информации, многу докази, повеќе од сигурен сум дека Специјалното јавно обвинителство има мноштво цврсти, сигурни материјални докази за тоа кој прислушувал, по чија наредба, кој е корисник на информацијата. Опструкциите што се прават или спречување на правдата пред сè од страна на судот, мислам дека е недозволено, и треба овој бастион кој сега е формиран од страна на Кривичниот суд во Скопје, треба да се разбие. Затоа, јас предлагам да се промени составот на Републичкиот судски совет, да се рекомпонира овој состав, а сите судии да бидат предмет на реизбор. Секој оној кој учествувал во монтирани случаи, да носел одлуки или пак го опструирал СЈО, тој повеќе нема легитимитет и натаму да биде судија, да дели правда, тие сите треба да ја напуштат таа функција и верувам дека има и добри правници и добро едуцирани и силни коишто ќе бидат отпорни на какви било политички влијанија и од партии и од други силни центри на моќ.
Може ли да очекуваме да се заострува реториката до изборите? Очекувате ли во јавноста да излезат слични сведочења како она на поранешниот ваш колега Слободан Богоески?
Колку што знам тоа е почеток на сведочењето на Слободан Богоески и на некои други кои објективно располагаат со повеќе информации, да ги презентираат, да ги споделат со јавноста. Реториката ќе се заострува. Јас очекувам и СДСМ да презентира одредени информации кои досега не беа презентирани, затоа што ова е битка да се биде или не. Ова е борба и на ВМРО-ДПМНЕ, односно на раководството кое се ќе стави во функција да опстои на власт, затоа што тие се борат за нивната слобода и цела партија и се што е направено, се што ќе се направи е да со изборите го покрија криминалот. Јас тоа повеќе пати го кажувам дека со изборите не може да се покрие корупцијата и криминалот. Тие очекувања дека по изборите се ќе биде блокирано, ќе биде расформирано Специјалното јавно обвинителство, дека тие што беа политички противници ќе бидат поразени итн., мислам дека тоа нема да помине така како што тие го пласираат сега во јавноста. Почекајте ќе издржиме, после изборите ќе преземеме се што треба за да се справиме со политичките противници на најекстремен начин. Тие тези мислам дека нема да поминат, како што нагласив граѓаните се подготвени да направат пресврт и тоа ќе се случи.
Целото интервју со претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.