Со какви обвиненија може да се соочи Диме Спасов

Архивска фотографија: Тогашниот министер за труд и социјала Диме Спасов присуствува на Седница на Собранието на Република Македонија на 26 мај 2014

Од Министерството за внатрешни работи велат дека според процедурата прво ќе се споредуваат изјавите на сите учесници и очевидци на настанот, а потоа ќе бидат покренати соодветни пријави.

Бегав затоа што ме бркаа криминалци од албанското подземје, е приказната со која дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов настапил во полициската станица Карпош, за петочната сообраќајна драма, велат полициски извори за Радио Слободна Европа. Во полициската станица Карпош во саботата, каде што Спасов дал изјава и поднел поплака, по него доброволно дошле тројцата посочени во дел од медиумите како напаѓачи и дале исказ со кој го негирале тоа, посочуваат истите извори.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека, според процедурата, прво ќе се споредуваат изјавите на сите учесници и очевидци на настанот, а потоа ќе бидат покренати соодветни пријави. Од таму додаваат дека по целосно комплетирање на случајот ќе се произнесат во јавноста.

Адвокатот Насер Рауфи вели дека од целата ситуација произлегуваат неколку кривични дела за кои следува казна затвор од три до пет години.

„Мислам дека има и други кривични дела, кои во една постапка која ако би била да речеме коректна, би се утврдиле многу лесно бидејќи при настанот има очевидци. Лицето кое го пријавува дополнителниот заменик министер, кој прави судар и бега, што е кривично дело според мене, и всушност неговата изјава ја фрла во вода изјавата на министерот дека наводно бил нападнат затоа што тој него го пријавува, и до тука се детектира истиот и самата сообраќајка, по изјавата и по следењето на возачот кој е со оштетеното возило“, вели Рауфи.

Според Законот за безбедност во сообраќајот, тој што предизвикува сообраќајна незгода е должен да застане, во спротивно следува казна од 300 евра. Доколку возач со своето однесување ја загрозува безбедност максималната казна е затвор до три години.

Според законот за кривична постапка, давање на лажна изјава на сведок врз која ќе се донесе пресуда, казната изнесува пет години затвор.

Од соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ дознавме дека материјалната штета предизвикана со сообраќајната незгодна изнесува 150 евра. Во однос на тоа како од ВМРО-ДПМНЕ го коментираат тврдењето дека Спасов бил гонет од криминалци од албанското подземје и зошто воопшто бил мета на такви структури, накратко ни одговорија.

„Случајот е пријавен во МВР и тие треба да одговорат кои се тие лица и дали имаат криминални досија“, е наведено во писмениот одговор.

Рауфи вели дека оправдувањето со албанско криминално подземје е во најмала рака смешно и со тоа практично дополнителниот заменик министер си ја отежнува ситуацијата која и без тоа е тешка.

„Апсолутно се втурнува во последици кои многу потешки од самиот настан. Јас мислам дека таквиот изговор дека наводно бил нападнат воопшто не држи, затоа што ако имал таков напад истиот требало порано да го пријави. Ако се земе предвид дека имало и сопатник, со него тоа значи дека уште подобро ќе се утврди фактичката состојба“, вели тој.

Според МВР, во петокот околу полноќ во Скопје, Спасов, возејќи службено возило на Агенцијата за вработување, удрил во две возила, избегал по обата судири и бегајќи бил запрен од полициска патрола, потоа избегал додека траел увидот и ја оставил сопатничката, а час подоцна на местото на настанот дошол друг човек кој тврдел дека тој возел, но не знаел што точно се случило и полицијата не му верувала.

Според објавеното во дел од медиумите кои важат за блиски до власта, Спасов всушност бегал од група криминалци од албанско потекло од скопска Серава, кои го бркале и му го попречувале патот, па така ги предизвикал двете сообраќајки.

Од владејачката партија нема одговор што правел функционерот вечерата со службено возило доцна навечер, а во однос на одговорност од таму изјавија дека засега нема да бараат од него, но и дека ништо не е исклучено.

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е следен, дека политичките партии не би требало да прават истрага ниту да носат пресуди за било кој инцидент, како што е тоа случај во изминативе денови, секоја истрага треба да биде дел од институциите и истата да се прифати како конечна“, изјави Антонио Милошоски, член на централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето како возило во сопстевност на Агенцијата за вработување го возел Спасов, министерката за труд и социјална политика Фросина Ременски во изјава за дел од медиумите одговори дека станува збор за возило кое уште лани со одлука на Влада Министерството за труд и социјална политика го отстапило на Агенцијата за вработување, по што е незаконски друго лице да го користи.

По целиот настан останаа неодговорени неколку прашања, на пример зошто Спасов избегал од полицијата, во каква состојба бил додека возел затоа што првата средба со полицијата е по речиси цел ден па не се направени алкотестови, ниту зошто го бркале луѓе со криминално досие како што тврдел Спасов во полиција, нема одговор ни зошто откако го сопрела полициската патрола и кажал дека тој го возел џипот, а по извесно време пристигнал друг да ја преземе одговорноста.