СЈО и претстојните избори – теми во неделниот печат

Архивска фотографија: Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство во Скопје

Неделникот Глобус смета дека тоне бродот на, како што пишува, дпмнето, Република дека токму специјалната обвинителка Катица Јанева го дискредитирала СЈО, а Фокус прашува дали УБК сака да скрие дека прислушувањето продолжило и по бомбите.

Глобус - Бродолом на дпмнето

Редовната колумна Таленти во најновото издание на Глобус се занимава со бродоломот што го предвидува колумнистот за бродот на дпмнето, како што вели, кој „не да тоне, туку руина, цел во распаѓање, одвај се гледа во матните води, а грст ’нескршливи‘, бездарни таленти залудно се обидува да го спаси“. Неделникот потсетува дека врхушката, злоупотребувајќи ја партијата и во нејзино име, насилно ја присвои целата власт, се постави над државата, над народот и како и во сите заостанати, закоравени тоталитарни држави – закон е само волјата на диктаторот. Глобус притоа забележува дека во таква „држава“, во услови на беззаконие, полицијата не може да не биде партиска. „Скандалот со грубото непочитување налози од Судот и омаловажување на СЈО е повеќе од јасен одговор и уште еден во низата докази дека врхушката на дпмнето има свои закони, своја полиција која спроведува партиско беззаконие“. И додава дека неуспешниот обид дпмнеовските „закони“ да бидат посилни и над одлуките на Судот, широко ги отвори вратите за пристап до ново, за партиската врхушка крајно непријатно ниво и дека сега ќе може отворено и аргументирано да се постават многу прашања, како и едно од клучните: како можеше врхушката на дпмнето толку брзо и баснословно да се збогати, а во исто време народот да стигне до дното меѓу најсиромашните во светот?“ На крајот Глобус завршува: „Колку повеќе вистината излегува на виделина, толку подлабоко тоне бродот на тајфата таленти за криминал и корупција“.

Република - Госпоѓо Јанева, СЈО го дискредитиравте вие, а не Република

Главниот и одговорен уредник на Република испраќа отворено писмо до специјалната обвинителка во кое, покрај другото, вели: „Госпоѓо Јанева, СЈО го дискредитиравте вие, а не Република“, за да обвини дека Јанева и нејзините соработници го нарушиле авторитетот на СЈО исклучиво „поради непрофесионалното и необјективно извршување на функциите“, како што вели, „доверени во еден исклучително сензитивен период за државата со единствена цел – расчистување на кризата, а не водење хајка против една политичка партија“. Во продолжение Република споредува дека и еврокомесарот Хан укажал на наводни злоупотреби на СЈО, а притоа „не видовме дека испративте демант до неговата канцеларија или дека го обвинивте за ’обид за дискредитација‘“.

Фокус - Дали УБК сака да скрие од СЈО дека прислушувањето продолжило?

Фокус објаснува зошто СЈО се појавило во УБК и потсетува дека сега тоа ги има на увид сите судски налози за легално прислушување од 2008-та наваму. Недостасува само уште „Ериксон“ да ги соопшти податоците што е очекувано да ги има на нивниот сервер, смета неделникот. Ова особено ако се знае дека Горан Грујевски од Петтата управа ги уништи израелските системи за прислушување, кои снимале до 2015 година, па логично е на новиот систем инсталиран лани да ги нема податоците за незаконското прислушување. „Но, затоа, пак, на новиот систем ја има целата 2015 година, кога лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги објавуваше снимените аудиоматеријали преку кои се дозна за криминалот на партиите на власт“ – потсетува Фокус и прашува: „Дали УБК сака да скрие од СЈО дека прислушувањето продолжило?“