ВМРО-ДПМНЕ ќе го тужи поранешниот шеф на УБК Слободан Богоевски за клевета и за сите невистини кои ги изнесол за време на гостувањето на емисијата Топ тема на телевизијата Телма, соопштија денеска од владејачката партија. „Богоевски, кој е осуден за криминал и за кој има одлежано казна затвор“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, ја искористил Телма и времето кое му било дадено за да изнесе, лаги и клевети во обид да го наруши угледот на ВМРО ДПМНЕ и функционери од партијата“.
„За ВМРО-ДПМНЕ гостувањето на Слободан Богоевски претставува уште еден очајнички обид на аболицираниот криминалец Зоран Заев, да користи лица кои биле осудени за криминал и лежеле казна затвор за да му ја вршат валканата работа, надевајќи се дека со лаги и клевети ќе успее да го изманипулира народот, наметнувајќи му мислење дека сите политичари се исти“, се вели во реакцијата на владејачката партија.
Богоевски синоќа во Топ тема изјави дека Груевски благодарение на грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас станал министер за финансии со цел да се сокрие криминалот за продажба на Окта, а подоцна и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
„Бидејќи Кондоминас заработи многу милиони од таа зделка на некој начин му стана љубимец и на негов предлог Груевски е предложен за наследник на Љубчо Георгиевски. Кога го прашував Кондоминас од каде него, затоа што беше анонимен ми кажа-Него го имам в џеб, зошто да инвестирам во други“, рече Богоевски во Топ тема.
За улогата на Кондоминас и грчките разузнавачи, како што истакна Богоевски знаел и тогашниот лидер на партијата и премиер Љубчо Георгиевски. Но, Георгиевски го тврди спротивното. Според него, Кондоминас немал никаква улога во приватизацијата на ОКТА и Георгиевски тврди дека тогаш не го познавал.
„Јас првпат со Кондоминас се имам запознаено кога во Македонија доаѓа еден од директорите на Дојче телеком и го претставува Кондоминас како партнер. Тоа е најодговорно што ви го тврдам. Не знам какво било пријателството меѓу Кондаминас и Никола Груевски, немам таков впечаток од тоа време и немам некои посебни детали, меѓутоа дека Кондоминас сугерирал Никола Груевски да биде министер, премиер или претседател на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е комплетен нон-сенс, тоа е толкување на еден човек кој се има комплетно искомпромитирано пред правниот систем на Република Македонија и сега сите му се криви“, вели Георгиевски.
Кондоминас е познат во јавноста како човекот кој требаше на плоштад Македонија да гради хотел во барок стил и Офицерскиот дом, а неговото име се поврзува и со случајот Маѓар Телеком во кој сведок е Богоевски. Кондоминас во 2014 година во Грција беше уапсен под обвинение за перење пари и проневера.