Дел од работодавачите ја злоупотребуваат минималната плата и ги пријавуваат работниците на помала плата за да заштедат на придонеси.
Последната анализа на Центарот за истражување и креирање на политики покажува дека секој втор вработен добива поголема плата од таа на која е пријавен и на која му се одредени и придонесите за социјално и здравствено осигурување. Во однос на истражувањето пред две години, забележан е нагорен тренд на оваа појава, односно речиси половина од вработените имаат делумно или нецелосно пријавени приходи што е за шест проценти повеќе од минатото истражување. Годинава е забележано дека секој десети вработен работи на „диво“ - без договор за работа, а седум проценти од вработените во анкетата на Центарот за истражување се изјасниле дека дел од платата ја добиваат на рака во кеш.
Минималната плата како одредница ги поттикна дел од компаниите во бизнис заедницата да го злоупотребат спроведувањето на овој закон со тоа што ги намалија реалните плати на ниво на минимална и да ја изиграат државата со тоа што ќе платат помали придонеси, а остатокот на плата го исплаќаат или во коверт или во друга форма, вели Миле Бошков претседател на Конфедерација на работодавачи.
„Генерално се злоупотребува. И самата бројка покажува дека во поголем број на случаи, се исплаќа минималниот износ за да се платат минималните социјални придонеси, и потоа на некој начин добиваме „вин-вин“ ситуација. Во некој процент зголемен надоместок за вработените и во некој процент намален трошок за работодавачите, односно изигрување на социјалните придонеси“, вели тој.
Последиците од ваквата појава се слаба и неквалитетна здравствена и социјална заштита, необјективна проценка на големината на Бруто домашниот производ, голема стапка на даночна евазија и помал буџет што е предизвик и за фискалната политика на државата.
Одговорноста за непотполното исплаќање придонеси најмногу лежи кај работодавачите, но дел од вината сносат и работниците кои ги прифаќаат таквите услови, се наведува во анализата на Центарот за истражување и креирање на политики. Резултатите покажуваат дека нема поголеми промени од последните мерења извршени во 2014 година и се уште околу 22,1 проценти од испитаниците би прифатиле да работат непријавени доколку поради тоа би примале повисока плата.
Бошков посочува дека во периодот кога се преговарало за одредување на минималецот, работодавците предлагале да се одредува минимална плата на секторско ниво.
„Но овој модел на минимална плата беше воспоставен и направен за сигурност на сите работници и за сигурност за вклучените во стопанството, меѓутоа кога и да се мисли на најдоброто не може да се земе в предвид најлошото. Во овој, изигрувањето е најлошата варијанта“ објаснува Бошков.
Истражувањето покажува дека непријавената работа најчесто се манифестира со непотпишување на договор со работникот или потпишување на договор со скриени клаузули како што е плата во коверт или дополнителен договор на дело со што се избегнува исплатувањето на реалната плата.
Од друга страна, пак, како позитивен исход на истражувањето се посочува фактот за пораст на свеста кај вработените за негативните последици од непријавената работа.
На минатогодишната трибина на Центарот за истражување и креирање на политики, посветена на сивата економија, странски експерти посочија дека недовербата во Владата, високото даночно оптоварување за фирмите, како и големата стапка на невработеност се дел од причините поради кои вработените и работодавачите стануваат дел од сивата односно скриената економија. Според минатогодишните показатели во земјава, сивата економија зафаќа од 24 до 47 проценти од БДП. Според истите податоци скриената економија годишно „голта“ околу 3,5 милијарди евра и таа е најзастапена во градежништвото, услужните дејности и туризмот.