И оваа учебна година во Дебарската гимназија „Здравко Чочковски“ во прва година се запишани само околу 50 отсто ученици од бројот предвиден за упис во согласност со Конкурсот на Министерството за образование на Македонија. Оваа состојба се провлекува последните години, така што се забележува рапидно намалување на бројот на учениците во оваа единствено средно училиште во Дебар .
„Во нашава гимназија беа планирани да се запишат 340 ученици во прва година и да се формираат 11 паралелки, од кои шест паралелки со настава на албански јазик и пет паралелки со настава на македонски јазик. Но регистрирани се само 169 ученици, така што се формирани само 8 паралелки. Повторно има намалување на бројот на учениците кои се запишани во прва година. Исто така има и намалување на севкупниот број на ученици. Пред пет години во гимназијата имаше над 950 ученици, додека таа бројка сега е намалена и лани изнесуваше 660, додека годинава само 620“, вели Неат Селманоски заменик директор во средното општинско училиште.
Според него Управата на институцијата ја следи појавата и оценува дека како главни причини за намалениот број на ученици се процесите на миграција кои никако да запрат, но и запишувањето на добар дел на завршените основци во средните стручни професионални училишта во другите градови од нашава земја.
„Причините за намалување на бројот на учениците, како во прва година, но исто така и во целина ние ги знаеме, а тие се : миграцијата која започна пред повеќе години, особено започна со мигрирање во Европските земји, а посебно во Италија. Но исто така како проблем кој влијае во намалувањето на бројот на ученици е и сè поголемиот број на ученици кои завршуваат основно училиште се одлучуваа да го продолжат средното образование во стручни професионални средни училишта. Тие се школуваат во Охрид, Гостивар и Скопје, но и други градови, со што се намалува и бројот на учениците“, додава Селманоски .
Исто така треба да се нагласи дека има податоци дека во одредени рурални средини во дебарско, родителите не ги пуштаат на настава женските деца и покрај тоа што средното образование во нашава земја е обврзувачко со закон.