Владини стратегии за задолжување без стратегија

Секоја година владата носи Фискална стратегија во која ја проектира висината на јавниот долг, но кога нема да го испочитува планот, носи нова стратегија во која предвидува поголемо задолжување. Денеска, на денот на распишувањето на изборите, владата се задолжува за нови 31 милиони евра.

Ако не можеш да се држиш до планот што сам си го направил, треба само да го промениш. Ваков заклучок може да се извлече ако се разгледуваат трите последни Фискални стратегии на македонската влада. Во секоја наредна стратегија, летвичката за нивото на јавниот долг се покачува за еден до два проценти.

Во фискалната стратегија за периодот 2015-2017 година е предвидено јавниот долг годинава да надмине 48 проценти од БДП-то, но во наредната стратегија се предвидува тој да биде еден процент повисок. Очекувањата за јавниот долг во 2017 во секоја наредна година се зголемуваат, па така во стратегијата 2015-2017 се очекува долгот да биде 50 отсто од БДП, а во најновата за периодот 2017-2019 се очекува јавниот долг догодина да надмине 53 отсто од БДП-то.

Стратегии за задолжување колку да се рече

Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, вели дека, како и во сите други области, владата ги носи документите заради политички театар. Тие не го почитуваат ниту буџетот, па камоли фискалните стратегии, вели тој.

„Фискалните стратегии се за да кажат дека тие еве размислуваат и на среден рок и да им кажат на овие од Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и Европската комисија дека имаме и Фискална стратегија. Ниту е квалитетно подготвена Фискалната стратегијата, ниту е реално подготвена, ниту е доволно стручно подготвена, ниту, пак, имаат намера воопшто да се придржуваат кон неа, така што ништо од тие бројки нема да биде остварено како што запишале. Тоа е обична хартија којашто треба да се фрли во корпа“, вели тој.

Центарот за економски анализи исто така реагира дека „Се добива впечаток дека многу од документите се донесуваат колку за да се донесат, а некои од нив и не се носат воопшто или, пак, се носат, но не соодветствуваат на потребите за транспарентен и отчетен јавен финансиски менаџмент“. Тие исто така забележуваат дека Министерството за финансии не ја ажурира редовно Фискалната стратегија, посочувајќи дека предлог-буџетот за 2017 година бил доставен во Собранието пред да се објави Фискалната стратегија за периодот 2017-2019 година.

„Се поставуваат неколку прашања. Прво, како е направен предлог Буџет за 2017 година ако немало Фискална стратегија? Значи, Владата едноставно следела историски трендови, ад хок предизборни решенија и интуиција без соодветна фискална стратегија. Второ, се поставува прашањето за кои цели сега служи Фискалната стратегија 2017-2019, бидејќи ако таа не се ажурира соодветно во 2017 година, таа е практично неупотреблива како пред буџетска изјава на предлог за Буџет за 2018 година“, наведува Центарот за економски анализи.

На крајот на јуни годинава, јавниот долг бил 4,27 милијарди евра, односно 45,3 проценти од БДП-то. Сепак, во тој долг не е пресметана еврообврзницата од 450 милиони евра, која беше земена во втората половина од годинава.

Владата денеска, кога треба да се распишат изборите, се задолжува за нови 31 милиони евра на домашниот пазар.